| четврток, 6 декември 2018 |

Атанас Низамов

gorazd-capovski-90x115

Колумнист: Горазд Чаповски

Татко му, Ристо, замина за Америка веднаш по Балканските војни, мајка му, пак, Анастасија, умре за време на Големата војна од епидемија на грип. Ги имаше само неговата баба — таа беше неговата среќа и радост — и неговиот кларинет. Ако на планината омилено чедо и’ е славејот, тогаш на беломорското село Бапчор омилено дете му беше полусирачето на Ристо и Анастасија Низамови, Атанас, славејот на прекрасното планинско село.Во тие тешки времиња за Македонија, кога двете светски војни земјата ја претворија во споменар на фотографии од крстови и гробови, малиот Атанас почна да пее во црковниот хор при црквата „Свети Ѓорѓи“. Кога пеел и ангелите од ѕидовите на црквата пееле заедно со момчето. Основно училиште завршил во родното место, гимназија во Лерин.

Во таа, 1930 година, кога баба му му го купила кларинетот, за што, за да може да му го купи, го продала лозјето, по Беломорска Македонија се прикажувало како еден млад човек, од време на време стои на планината Вичо и свири толку силно и магично, што само тагата и радоста можеле да го разберат.

Есента 1943 се раѓа Македонскиот отпор и Атанас се приклуцува на Костурско-Леринската бригада. Вооружен е како ниеден друг партизан — носи пушка, ама го носи и своето најголемо оружје, кларинетот. Кога ќе ја фрли партизанската униформа и ќе облече друга, како член на Воениот оркестар на Петтата армиска област во Скопје, со чин на капетан, тој беше свесен оти орлите и соколите од Вичо нема никојпат повеќе да слетаат над реката Вардар и да се напијат вода.

Во еден облачен скопски ден, на Железницката станица, навистина се урниса планината Вичо, посипувајќи го градот со жолто лисје натопено со крв. Грчкиот крал Павле доаѓаше во Скопје, на своето патување кон Белград, каде што требаше да се сретне со Тито. Тоа мрачно утро на Железницката станица се најде и Атанас, како цлен на Воениот оркестар. Ноќта не спиеше. Чувствуваше огромна мачнина во стомакот. Облече нова униформа, ја стави капата, го зеде кларинетот и со мрачен поглед се упати кон Железницката станица. Во мигот кога кралот Павле ја допре Македонската земја и кога ќе биде дочекан не со куршум туку со леб и сол, Воениот оркестар ја свиреше грчката химна, ама еден инструмент занеме —кларинетот на „славејот од Бапчор“, Атанас Низамов. Едноставно направи општа збрка: „Како пред кралот да ја свирам грцката химна кога тој ме истера од мојата земја“, се побуни горделивиот Атанас.

„Јас имам пролеано крв по планините за Грција, лежев и во зандани за Кралот, а што направи тој за мене? Ме истера, како куче, од огништето на моите предци, и вие сега барате од мене да ја свирам грчката химна пред џелатот што го сотре мојот народ“. Главешините од Водно в земја пропаднаа — Тито ќе им крене бесилка за овој инцидент!

Од тој ден на Атанас му беше забрането да доаѓа во Петтата армиска област и бил избркан од работа, веќе не бил член на Воениот оркестар. По овој настан, со години не го допре кларинетот, сè до моментот кога еден ден се качи на Шар Планина и викна — „Вичо, јас сум жив, жив“ — и ја засвири песната „Два орли се бијат“.

(објавено во 17. број на неделникот „Република“, 28.12.2012)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top