Коронки, мостови и протези се дел од животот на повозрасните генерации. Протетиката е гранка од денталната медицина што се занимава со изработка на забни помагала. Коронките и мостовите се поестетскиот дел кај санирањето на вилицата кај пациентите. За потребата од протези кај пациентите, начинот на изработка и трајноста, разговаравме со д-р Гоце Ѓоргиоски, специјалист по стоматолошка протетика.
Од каде потребата за мобилни додатоци, односно протези кај пациентите, кога се ставаат и зошто се прават?
ЃОРЃИОСКИ: Потребата за изработка на мобилна парцијална или целосна протеза произлегува од губењето на забите кај пациентот. Губењето еден заб е доволна индикација пациентот да се заангажира и да најде соодветно решение да го надомести загубениот заб. Губење повеќе заби, без разлика дали станува збор за видлив дел или странично, каде што тоа не е видливо, се индикации за изработка на протези или мостови, зависно од потребата на пациентот.
Какви видови протези има и за што служат?
ЃОРЃИОСКИ: Има повеќе класи протези во зависност од материјалот на изработка, од нивната форма, од бројот на забите, од нивниот распоред. Најосновно, се делат на парцијални и на целосни протези. Тоа подразбира дека парцијалните протези се тие протези што се изработуваат кај пациенти што уште имаат преостанати заби. Повеќе од шест заби преостанати кај пациентот се индикација за изработка на парцијална протеза. Ако се загубени сите заби кај пациентот се индикација за изработка на целосна протеза. Тој проблем може да се реши и со импланти.

Повеќе од шест заби преостанати кај пациентот се индикација за изработка на парцијална протеза, вели д-р Ѓоргиоски
Каква е разликата меѓу коронките и мостовите?
ЃОРЃИОСКИ: Коронките и мостовите се поестетскиот дел кај санирањето на вилицата кај пациентите. Разликата меѓу коронките и мостовите е едноставна. Коронката се изработува на еден заб и претставува еден вид капаче врз природниот заб со која ја менуваме бојата, формата, големината на соодветниот заб, неговата положба и ориентација во устата. Мостовите најчесто се изработуваат кога недостигаат најмалку еден, а најмногу четири заба еден до друг загубени едноподруго.
Како се ставаат коронките кај пациентите?
ЃОРЃИОСКИ: Изработката на коронките или на мостовите се одвива по строго одреден редослед откако ќе се утврди индикација за изработка. Природниот заб што е постоен во устата се струга за да добие обратна форма на конус за да може коронката да помине преку него, односно преку забот и да допре директно до непцето и на тој начин целосно да го покрие забот. Процедурата е едноставна. Најчесто работиме со анестезија за интервенцијата да биде безболна. Без анестезија понекогаш може да биде многу болно. Значи се става анестезија и се почнува со препaрација на забот. Тоа значи брусење на забот од сите негови површини за да ја добиеме посакуваната форма на забот при што, во зависност од местото на забот, се одземаат од еден до два милиметра од забот во зависност од техниката на препaрација што се користи. Откако ќе се иструга забот, се зема отпечаток, се праќа во забна техника. Тука работата е поврзана меѓу пациентот, забната техника и стоматологот за да се усогласат сите чекори за изработка на коронката или мостот. Потребни се две проби, ако се работи за класична метална изработка во народот позната како порцеланска коронка или мост. Се пробува металната основа, потоа се пече порцеланот на металната основа, се прави проба на порцеланскиот заб, кој не е глазиран, значи му недостига сјајот, за да може со пациентот да утврдиме дали е добра бојата, дали ни се допаѓа формата и големината, местоположбата на забот, односот со соседните и спротивните заби. Ако е сѐ во ред, коронката се враќа на глазирање. Кога ќе се изглазира, коронката добива сјај, се враќа во устата на пациентот и се цементира со трајни цементи, кои ја обезбедуваат врската со коронката и природниот заб.

Задоволството на пациентот е немерливо кога ќе го видиме насмеан, среќен, расположен од резултатот што е постигнат
Колку се трајни овие коронки или мостови?
ЃОРЃИОСКИ: Генерално, не постои коронка или мост што ќе трае засекогаш. И природните заби никнуваат здрави и во текот на животот од разни причини се расипуваат. Што е многу важно? Одржувањето на добра хигиена и редовната посета кај стоматологот се од клучно значење за која било изработка да го има неопходниот век на траење. Во медицината, генерално и во стоматологијата, една процедура е успешна кога ќе поминат најмалку пет години од интервенцијата. Тоа се смета за успех. Сѐ што е над тој временски период е плус како за докторот, така и за пациентот, затоа што терапијата била правилно и успешно спроведена. Устата, и покрај сѐ друго е многу непријателска средина. Ретко кој знае дека забите ни се во функција 24 часа. И тоа цел живот. Средината во која стојат нашите изработки постојано е влажна, подложна е на бактерии и на микроорганизми, кои нормално се присутни во организмот. Така што нашата работа, да обезбедиме еден нормален и долготраен живот на нашите изработки не е нималку лесна.
Од какви материјали се изработуваат, кои Вие ги препорачувате?
ЃОРЃИОСКИ: На пазарот постојат неколку типа материјали и различни техники. Веќе се застарени фасетирани коронки или во народот познати како „коскени заби“, кои веќе не се изработуваат и од естетски и од хигиенски причини. Најчесто се изработуваат метално-керамичките конструкции. Посовремените технологии подразбираат други материјали и методи. Тоа што е најубаво и актуелно во периодов се безметалните изработки, кои се работат на два начина. Едниот е циркониум, а другиот е прес-керамика и постои суштинска разлика меѓу двата начина. Тоа што дава беспрекорна естетика во устата се прес-керамичките изработки. Последниве неколку години се актуелни и изработки од порцелански лушпи што се со дебелина од 0,1 до 0,3 милиметри, кои служат, пред сѐ, за естетска корекција на бојата, формата и поставеноста на забот. Сѐ си има свои предности и недостатоци. Еден од поголемите предизвици е да го видиме пациентот насмеан и среќен кога ќе ја напушти ординацијата. Задоволството на пациентот е немерливо кога ќе го видиме насмеан, среќен, расположен од резултатот што е постигнат.
Интервјуто може да го погледнете на РепубликаТВ.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)


