Република Македонија ја има поддршката на Канада за членство во НАТО, соопшти македонскиот министер за одбрана, Зоран Јолевски, по неговиот денешен состанок со канадскиот министер за одбрана, Џејсон Кени, на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел со земјите-контрибутори во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Јолевски и Кени ја зацврстиле одличната соработка на ниво на одбрана меѓу Македонија и Канада, а првиот човек на канадската одбрана ја ветил и безусловната поддршка од оваа земја-членка на НАТО за членство на нашата земја во најголемата воено-политичка организација на светот.
– Оваа моја посета на седиштето на НАТО во Брисел ја искористив за повеќе билатерални средби со моите колеги-министри за одбрана од земјите-членки на НАТО. Имав одделна и многу корисна средба со министерот за одбрана на Канада, Џејон Кени. На средбата, тој ја искажа поддршката на Канада за покана на Република Македонија да стане членка на НАТО – нагласува Јолевски во изјава за МИА.
Македонскиот министер за одбрана, денеска имаше и свој настап пред земјите-членки на алијансата во рамки на НАК, а во однос на мисијата во Авганистан и учеството на македонската армија во неа. Според Јолевски, договорено е сегашната мисија „Решителна поддршка“ да трае до крајот на идната година.
– Денешниот министерски состанок на Северноатлантскиот совет (НАК) на НАТО на кој присуствуваа министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО и земјите-контрибутори во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан, беше посветен на состојбите во Авганистан со напредокот во оваа мисија. Беше договорено да се следи состојбата во Авганситан и во поглед на развојот на состојбите, ќе се реши за преминот во втората фаза на оваа мисија што засега е одлучено да трае до крајот на 2016 година – нагласува Јолевски.
Како што е познато, Република Македонија уште од самитот на алијансата во Букурешт во 2008 година е земја што ги исполнува сите услови за членство во НАТО, но поради грчкото вето, сѐ уште не може да стане полноправен член на оваа организација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


