Македонскиот машки ракометен вицепрвак Металург се засили со двајца нови ракометари на голманската позиција. Се работи за Даниел Дупјачанец (32) и Антонио Пешевски (25), кои денеска потпишаа договори.
Даниел Дупјачанец (32 г., 189 см., 95 кг.) е поранешен кадетски, младински и сениорски репрезентативец на Македонија, кој во кариерата настапувал за екипите на Тутунски комбинат – Прилеп, Младост Богданци, Алуминиум-Арак од Иран и Беса од Косово, каде настапува од 2010 година.
– Доаѓањето во Металург го гледам како чекор напред во мојата кариера и на секој можен начин ќе се трудам да ги оправдам довербата и честа што ми ги укажаа челниците на клубот, да станам дел од тимот за кој повторно сите со восхит ќе зборуваат. Играњето во Лигата на шампионите е голем предизвик за мене и затоа ќе се потрудам да го дадам најдоброто од мене и да бидам дел од издигнувањето на Металург – вели Дупјачанец, кој со Металург потпиша двегодишен договор.
Антонио Пешевски (25 г., 209 см., 110 кг.) потекнува од Металург каде што ги поминал сите селекции. Настапувал за Металург Јуниор, а во 2013-та една сезона одигра во дресот на Драчево, но потоа имаше прекин во кариерата. Антонио потпиша четиригодишен договор со Металург.
– Исклучително сум среќен и горд што добив можност повторно да се вратам во Металург, кој е мој матичен клуб. Особено задоволство ми е да тренирам со еден од најголемите тренери во светот на ракометот, Лино Червар. Се надевам дека ќе ја оправдам укажаната доверба – вели Пешевски.
Со овие двајца ракометари не завршува екипирањето на позиција голман, бидејки Металург е во преговори со врвен чувар на мрежата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.