| четврток, 6 декември 2018 |

Ципрас со предлог до Меркел, Оланд и Јункер

ciprasГрчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ги претставил грчките предлози за постигнување на договор за должничката криза на земјата, се наведува во соопштение на грчката влада.

Таквиот договор треба да доведе до трајно, а не времено решение на грчката должничка криза, се наведува во соопштението.

Засега не е познато дали предлозите се нови, како што бараа кредиторите од ЕУ, ЕЦБ и ММФ, пред самитот на лидерите на еврозоната во понеделник вечер.

Грчките опозициски партии претходно денеска ја повикаа владата во Атина да постигне компромис за спасувачкиот пакет на земјата, во време кога се зголемуваа опасноста од излез на Грција од еврозоната, пишува весникот „Катимерини“.

Весникот наведува дека лидерот на конзервативната партија „Нова демократија“ Андонис Самарас го повторил својот предлог за широк национален консензус, нагласувајќи дека ако владејачката Сириза не покаже интерес „Нова демократија“ е подготвена да се ангажира во преговори со останатите партии со цел гарантирање на задржувањето на Грција во еврозоната.

– Политичките сили кои имаат проевропска ориентација, не може да бидат недоследни или нестабилни, објави Самарас, истовремено обвинувајќи дека Сириза игра покер и го мами грчкиот народ.

Лидерот на центристичката партија „Потами“ Ставрос Теодоракис, исто така, повика за средба на партиските лидери, што според него ќе ги зајакне позициите на Ципрас на преговорите со кредиторите.

Фофи Генимата, новата претседателка на социјалистичката партија ПАСОК, го повика Ципрас брзо да постигне договор, што ќе ги гарантира правата и интересите на грчките граѓани, но исто така, нагласи дека кредитоирите треба да покажат солидарност и почит кон Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top