Сè уште актуелниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, денес првпат се обрати на јавноста по поразот на локалните избори, пренесе Охрид1. Тој изјавил дека ова биле најнечесните избори досега и му ја честита победата на Никола Бакрачески велејќи:
– Ако тие мислат дека изборите биле фер и демократски, дека немало притисоци и други нерегуларности, еве, јас им ја честитам таа победа – рече Петрески.
Тој пред новинарите најостро ја деманитра изјавата на новоизбраниот градоначалник Никола Бакрачески дека неговото семејство било изложени на најбрутални навреди во текот на кампањата и ги повика сите медиуми, од телевизии, радија, весници до интернет портали, доколку постои изјава во која тој го спомнал семејството на Бакрачески, да ја објават.
Петрески рече дека изјавите на Бакрачески за ревизии не ги смета за сериозни бидејќи општината цели седум години работела со непрекината ревизија како онаа која е законски задолжителна, така и со ревизија од сите можни полициски структури.
Петрески рече дека не постои човек кој во животот не претрпел порази, па така и Никола Бакрачески досега имал претрпено два големи порази, а оваа победа на изборите, всушност, ќе му бидела трет пораз.
Тој кажа дека на изборите имало големи притисоци, гласање на луѓе од Албанија кои кружно гласале и на неколку избирачки места како и плаќање пари за гласови. Петрески рече дека деновиве ќе се позанимава и со тие кои направиле одредени како што ги нарече предавства внатре во неговиот табор.
Петрески рече дека бробата со оваа власт продолжува и дека најкасно до септември во земајва ќе има нови избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.