| четврток, 6 декември 2018 |

Ема Темелковска-Анчевска: Културата и уметноста се во фокусот на моето секојдневие!

Желбата и храброста, ентузијазмот и креативноста беа, се и ќе останат водилки во нашата „фабрика за идеи“

Можеби единствената агенција за односи со јавност, маркетинг и организација на настани, која се занимава со културата во македонија е „Идеја лаб“. Ема Темелковска -Анчевска раководи со агенцијата и бидејќи неодамна го прославија вториот роденден, поразговаравме со неа за идеите, можностите за реализација и организација на културни настани во земјава, плановите за во иднина…

„Идеа лаб“ го прослави вториот роденден. Велите „На почетокот, сонувавме да станеме фабрика за идеи“. Како всушност започна идејата за формирање на оваа ваша фабрика за идеи?

-Идејата се роди во миг. Организирајќи настан, мојата желба и храброста на Димитар за неполна седмица ја создадоа „Идеа Лаб“, и веќе две години нашето замислено „атеље за идеи“ создава, продуцира и реализира и кадар и производ, и успех и насмевки на многубројните соработници и задоволни клиенти. Она што го замисливме, почнавме и да го реализираме. Да го создаваме и гледаме успехот и заедно да се радуваме на производите што излегуваат од нашата „фабрика за идеи“, зошто желбата и храброста, ентузијазмот и креативноста беа, се и ќе останат водилки во нашата „фабрика…“, секогаш отворена за нови соработки и свежи идеи.  Ние сеуште сонуваме, а според Фројд „сонот е место и начин за остварување на желбите на човекот“.

IMG_7246

Вашиот список на клиенти е огромен, но забележително е дека сте единствена агенција која работи културни настани…промоции на книги, концерти, презентации и средби со автори, Саем на книга…Како се најде токму културата во вашиот фокус?

-Точно, голема и широка е листата на соработници и клиенти, од сите области на современото живеење. И, да, точно е дека сме можеби единствената агенција која работи на културни настани. Многубројни промоции на нови дела, и афирмирани и помалку афирмирани автори, и млади таленти со проза и поезија, безбројни концерти на познати уметници ширум Македонија, бројни изложби на академски сликари и скулптори… последно и Саемот на книгата кој неодамна се одржуваше на Скопскиот саем. Искрено, горда сум на тимот што работи во „Идеа лаб“, луѓе, сеуште млади, а веќе изградени личности и професионално профилирани, личности кои културата ја носат во душата и ја имаат во срцето. Луѓе што ја сакаат уметноста. Од многубројните промоции, настани и личности, би го издвоиле проектот „Читај повеќе“, проект што  имаше цел да ги промовира македонските автори и нивните дела и проект кој, по сите параметри е најуспешниот проект реализиран во последнава декада во нашата држава, организирани изложби на академските сликари Глигор Чемерски, Павле Кузмановски, Васко Ташковски, Владимир Темков, создавање на „Парк на книгата“ … многу проекти за краток временски период, од кои јас како прв човек на „Идеа лаб“, сум особено горда. Инаку, културата и уметноста се во фокусот на моето секојдневие. Не можам да замислам седмица, а да не посетам театар или кино, да бидам гостин на промоција или концерт…едноставно културните настани ми ја дополнуваат енергијата и ми ја даваат силата за секој нов ден со нови мисли, свежи идеи и нови успеси.

Како успевате да ги реализирате сите проекти? За колкав тим станува збор?

365 денови, 365 настани. Секој ден. И сабота и недела. Имало настани кои целосно ги организирал само еден член од нашиот тим, но има настани и кога организацијата броела над 30 лица. Зборуваме за Вевчанскиот Карневал 2014, во оваа категорија се и Кратовски Златни денови, Саеми за вработување ширум целата држава… Но, она кое би го издвоила e уникатниот пристап на анализа на настанот и детерминирање на секој детал, дури и оној најмалиот… Внесувањето на свежи идеи, новитети, инвентивност при осмислување на просторот… Пред нас е големата слика, а таа едноставно самата се создава, јас и Димитар ја формираме рамката на сложувалката, а потоа сите заедно го внесуваме секој дел од мозаикот… брзо, лесно, со голема желба, расположение, тимски дух…

ema

Што ја прави вашата агенција поразлична од останатите. Која е вашата водилка – мисија?

Пред некој ден слушнав дека сме биле компанија со најголем капитал. Се замислив и посегнав по сметката на електронското банкарство. А никогаш не сум се однесувала како буквалист. За миг застанав и низ насмевка си потврдив! Вистина е! Нашиот прв капитал беше идејата за создавање на „Идеа лаб“! Со секоја нова реализирана идеја станувавме побогати во портфолиото но и во срцето! Името, логото, слоганот и мисијата, нè обврзуваат лабораторијата на идеи да биде во функција  на клиентот 24/7. А љубовта кон нештата, пожртвуваноста, вербата, искреноста во пораките кои ги пренесуваме се само предизвикувачи на успехот кој можеш да го почувствуваш со сите сетила, преку насмевката и задоволството на клиентот, кои за нас се бесценети.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top