| четврток, 6 декември 2018 |

Словачка е фаворит, а Македонија посакува позитивен резултат

фудбал

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (почеток 20:45 часот) гостува кај лидерот во квалификациската група за ЕУРО 2016 селекцијата на Словачка. Македонските фудбалери неколку денови се веќе во Словачка со цел избраниците на селекторот Љубинко Друловиќ подготвени да го дочекаат овој дуел од 6.коло.

На редовната прес конференција пред натпреварот македонскиот селектор Друловиќ истакна дека ќе се обидеме да ја прекинеме нивната серија победи во овие квалификации.

– Задоволен сум од односот на играчите досега, мора да играме тимски и да бидеме дисциплинирани. Словачка е исклучително квалитетна, колективно и индивидуално играат одлично. Целта е да постигнеме гол, а мораме да играме во две фази: игра со топка и без топка. Играчите се мотивирани и се надевам на успех- рече Друловиќ.

Одбраната на македонската репрезентација ќе биде пред тежок предизвик, а еден од кој се очекува да го понесе товарот е Даниел Мојсов.

– Словачка има максимален успех и тие се фаворити во дуелот. Но, ние со дисциплинирана игра на сите позиции можеме да стигнеме до резултатот кој го посакуваме. Одбраната почнува од нападот и мора да играме тимски- истакна Мојсов.

Покрај дуелот Словачка – Македонија од групата Ц играат уште: Украина – Луксембург (почеток 18 часот) и Белорусија – Шпанија (почеток 20:45 часот).

На чело на табелата во групата е Словачка со максимални 15 бодови, пред Шпанија со 12, Украина има 9, Белорусија 4, Македонија е претпоследна со 3, а Луксембург е последен со 1 бод.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top