Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, изрази разочарување од односот и кампањата на неговиот противкандидат Андреј Жерновски затоа што се служел „со крајно ниска кампања, со лаги и измислици обидувајќи се на тој начин да изманипулира со гласачите“.
– Самиот факт што Андреј Жерновски се одлучи да лаже за работи кои се лесно проверливи и достапни за јавноста и медиумите говори за неговиот страв дека ќе ги загуби изборите. Жерновски ниту има дела зад себе ниту, пак, нуди реална програма. Овој недостаток единствено му преостанува да го покрие со невистини и манипулации, што, од друга страна, не доликува на еден кандидат за градоначалник на општина Центар – изјави Тодоровиќ.
Тодоровиќ рече дека Жерновски и денес покажал ниско ниво на политичка култура, очигледно обидувајќи се да ја заобиколи волјата на граѓаните на Центар.
– Тоа значи дека Андреј Жерновски се плаши од соочување со народот во втор круг. Разликата во гласови која постои во првиот круг е мала, за една толку голема општина како што е Центар. Нашата поддршка расте и веројатно е тоа причината поради која Жерновски е нервозен и вака бесмислено реагира – рече Тодоровиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


