| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски и Канчевска -Милевска го означија почетокот на реконструкцијата на Куќата на Христо Татарчев во Ресен (галерија)

Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски и министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска денеска присуствуваа на отпочнувањето на реализацијата на еден исклучително значаен проект кој ќе биде сведоштво за животот и делото на еден од основачите на македонската револуционерна организација, борецот за остварување на изворната идеја за самостојна и независна македонска држава на Балканот, големиот интелектуалец, д-р Христо Татарчев.

DSC_0312

-Со реконструкцијата куќата на семејството Татарчеви ќе стане своевиден Музеј во кој ќе бидат изложени голем број на документи, научно-верификувани факти и аргументи кои говорот за историјата на ова ресенско семејство, за големата жртва и придонесот на д-р Христо Татарчев кој свој животен век и го посветил на својата визија за обединета и демократска Македонија. Уверена сум дека куќата на Татарчеви и сите содржини кои ќе бидат изложени во неа ќе бидат богатство кое ќе се вгради во едукацијата на сите генерации, богатство од кое сите ние ќе црпиме чувство на гордост, љубов кон татковината и нејзиното минато, рече Канчевска-Милевска.

DSC_0300

Реконструкцијата на куќата на Татарчеви е дел од програмата на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура, и таа подразбира целосно обнова на овој споменик на културата. Куќата ќе биде изградена на површина од 280 метри квадратни, на приземје и кат, и ќе биде енергетски ефикасен објект со хортикултурно уредена околина. Реконструкцијата на објектот и изведбата на автентичниот изглед на фасадата на куќа со фолклорна архитектура типична за 19 век, ќе овозможи сочувување на стилските карактеристики на амбиентот, во согласност со историското и културното значење на Куќата на Татарчеви , како национално богатство на државата со исклучително значење, што ја дефинира и самата функција на објектот како музејска поставка.

DSC_0273

-Експонатите во музејската поставка хронолошки ќе илустрираат три значајни периоди – предилинденскиот период, активностите на Татарчев во Илинденското востание и периодот по 1903 до неговата смрт во 1952 година. Во тој контекст во трите засебни целини ќе бидат презентирани голем број на фотографии и предмети за револуционерната активност на Христо Татарчев и настаните и личностите непосредно поврзани со неговиот животен пат. Како дел од поставката, покрај оригиналните документи ќе бидат изложени и 8 силиконски фигури (на Христо Татарчев, Даме Груев, Анастас Лозанчев, Атанас Мурџев, Георги Пешков, Трајко Китанчев, Андреј Љапчев и Симеон Радев) како и повеќе портретни уметничките слики и масовни сцени (со мотиви од Основањето на МРО, Ресенското советување од 1894, Комитска чета од ресенско и Заминувањето на Христо Татарчев од Македонија) кои дополнително ќе ја збогатат музејската поставка, посочи таа.

DSC_0286

Изградбата на Музејот на Татарчеви несомнено претставува враќање на една голема личност од македонската историја во топлината на нејзиното изгубено огниште.

-Сигурна сум дека новиот објект ќе даде значаен придонес кон сочувувањето на вредните артефакти од минатото на овие простори но, овој музеј ќе биде и еден цврст материјален постулат за интензивниот културен развој на градот Ресен. Уверена сум дека новиот Музеј ќе ја збогати културната понуда на Ресен и на Република Македонија, ќе придонесе за поттикнување и развој на културниот туризам, а ќе претставува и основа за соработка на културен план со сите општини од регионот, истакна министерката за култура.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top