| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанскиот крал и ја одзеде титулата на сестра си

felipe-cristina-sp_3338976bШпанскиот крал Фелипе Шести, користејќи го правото на кралски декрет и ја одзеде благородничката титула на својата сестра Кристина, која е обвинета за даночни измами.

Принцезта Кристина (49) од денеска повеќе не смее да се нарекува „војводка од Палма де Мајорка“. Таа титула и ја додели нејзиниот татко, поранешниот крал Хуан Карлос, во 1997 година, кога Кристина се омажи за Инаки Урдаргарин, некогашна шпанска ракометна ѕвезда.

Урдаргарин и Кристина, како и уште 16 други лица, се обвинети за даночна измама и перење пари, преку нивната компанија „Нос Институт“, која била користена како покритие за извлекувањето пари од државните фондови, преку регионалната влада во Мајорка.

Според пишувањето на мадридскиот весник „Ел Паис“, кога Кристана дознала дека брат и и ја одзема титулата, таа вербално го нападнала, при што дошло до жестока расправија меѓу нив.

Кралската палата, сепка, ги демантираше тврдењата дека по расправијата, кралот ја променил својата одлука.

Идната недела Фелипе одбележува една година како е на шпанскиот престол, по абдикацијата на неговиот татко, кралот Хуан Карлос во јуни 2014 година. Шпанскиот крал има овластување да доделува и да одзема благороднички титули.

Кристина е шеста во редот на претендентите на престолот и сега од неа ќе зависи дали ќе си ја поврати титулата, што и беше одземена денеска.

Кога во декември минатата година, судот одлучи, Урдаргарин и неговата сопруга Кристина, да бидат изведени на судење за неколку кривични дела, кралската палата се огласи со соопштение дека кралот Фелипе „има целосен респект во независноста на шпанското судство“.

Ако биде прогласен за виновен, првообвинетиот Урдагарин, би можел да добие до 20 години затворска казна. Принцезата Кристина, пак, за својата вина во аферата би можела да биде осудена до две години затвор, но најверојатно нема да отиде во затвор, затоа што досега нема сторено никаков престап или кривично дело.

Кристина де Бурбон не присуствуваше на крунисувањето на својот брат Фелипе, а од абдикацијата на нејзиниот татко, таа не игра никаква улога во кралското семејство. Во 2013 година, таа и нејзиниот сопруг, заедно со нивните четири деца се преселија во Швајцарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top