| четврток, 6 декември 2018 |

Германците мислат дека Грција треба да ја напушти еврозоната

politbarometarВо германското јавно мислење дојде до драматична промена за начинот на кој треба да се решава грчката финансиска криза. Според анкетата на „Политбарометар“ направена за националната телевизија Це-Де-Еф, повеќе од половината Германци сметаат дека Грција треба да ја напушти еврозоната.

Истражувањето покажува остра промена на јавноста во однос на Атина. Последната слична анкета во јануари покажа дека само една третинна од Германците сакаат Грција да го напушти евроклубот, а 55 отсто сметаа дека земјата треба да продолжи да го користи еврото. Пет месеци подоцна истражувањето покажува дека 51 отсто од 1.230-те испитаници сакаат Грција да се врати на драхмата, а дури 70 проценти се противат на какви било идни отстапки кон грчката Влада.

Промени во ставот за Грција има и кај политичките партии. Радикалната партија Левица, која долго отворено ги бранеше грчките позиции, сега ретерира и вели дека „контролиран излез на Грција од еврозоната“ би бил логичен, доколку Европската централна банка обезбеди стабилнност на новата грчка валута.

И покрај прекинот на разговорите меѓу тимовите на ММФ и грчката Влада и признанието дека ЕУ прв пат формално разговара за можен излез на Грција од еврозоната, германската канцеларка Ангела Меркел денеска уште еднаш ги повика кредиторите и Грција да продолжат да бараат решение за спорот, кој денеска ги потресе и светските берзи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top