| четврток, 6 декември 2018 |

„Гола месечина“ во општина Аеродром

Вториот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ од 20 до 30 јуни ќе се одржува на фудбалското игралиште до детската градинка „Сонце“ во Реонски центар Аеродром.

Во рамки на фестивалот граѓаните ќе можат да погледнат девет бесплатни театарски претстави. Претставите ќе се играат од 21 часот, на отворена сцена.

На денешната прес-конференција се обратија министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот Ивица Коневски и директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ.

Министерката Канческа-Милевска информира дека на оваа манифестација љубителите на комедијата и на театарската уметност ќе имаат можност да проследат многу интересни претстави кои се реализираа годинава, а да погледнат и неколку од странство.

– Ние ќе продолжиме со овој локален културен развој бидејќи уставно загарантирано право е културата да биде достапна до секого – рече Канческа-Милевска.

Потсети дека низ Македонија има голем број културни манифестации, поддржани од Владата и Министерството за култура. Најави дека наскоро ќе почне проектот „Топол културен бран“. Коневски изрази надеж дека фестивалот ќе стане традиционален и ги повика жителите на Аеродром и сите заинтересирани да ги погледнат претставите и да уживаат.

Покрај средствата што ги издвои Општина Аеродром од својот буџет, во реализацијата на овој проект се вклучени Министерството за култура и организаторот Театар Комедија.

Директорката Жугиќ потсети дека фестивалот е од натпреварувачки карактер. Ќе се доделат четири награди, најдобра женска, најдобра машка улога, најдобра режија и Гранпри. Сите ќе добијат по 500 евра. Жирито кое ќе ги вреднува претставите е составено од професорот и писател Венко Андоновски, актерката Катерина Коцевска и режисерот Бојан Трифуновски.

– Годинашнава програма има претстави од Македонија, гости од струмичкиот, велешкиот и од прилепскиот театар. Ќе има две претстави од Драмскиот театар од Скопје и две претстави од Босна и Херцеговина, едната независна продукција од Сараево, а втората е театарот од Тузла – рече Жугиќ.

Минатата година фестивалот го посетиле околу 15 илјади граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top