| четврток, 6 декември 2018 |

Москва го обвини Вашингтон дека ја дестабилизира ситуацијата во Украина

руско мнр

Руското Mинистерство за надворешни работи ги обвини денеска САД дека ја дестабилизираат ситуацијата во Украина, пренесува ТАСС.

– За разлика од Русија, САД не само што не вложуваат никакви реални напори за решавање на украинската криза и спречување на хуманитарна катастрофа во Луганск и во Доњецк, туку и ги туркаат денешните власти во Киев кон продолжување на братоубиствената војна – се наведува во соопштение на руското министерство по повод извештајот на американскиот Стејт департмент за почитување на договорот и обврските во сферата на контрола на вооружувањето.

САД ја обвинуваат Русија за окупирање и обид за анексија на Крим, за провокации против Украина, што не се во согласност со обврските во рамките на ОБСЕ, вклучително според Виенскиот документ од 2011 година. Таквото гледање на прашањето е целосно спротивно со реалноста, тврди руското МНР.

– Враќањето на Крим во составот на Руската федерација е целосно според нормите на актуелното меѓународно право, тоа е резултат на слободно изразување на жителите на полуостровот, а обвинувањата на Русија за провокации кон Украина немаат никаква основа – наведува руското министерство.

Според руското МНР чудно е да се слушаат такви обвинувања од држава, што постојано изјавува дека се залага за меѓународниот мир и безбедност, а во изминатите неколку години беше вмешана во дестабилизирање на ситуацијата во Украина и во други региони.

САД повторно празно обвинуваат дека Русија не го исполнува Договрот за уништување на ракетите со среден и мал дострел, се наведува во соопштението на руското МНР.

Во американскиот извештај се тврди дека во 2014 година Руската федерација поседувала, произвела и тестирала ракети со дострел од 500 до 5.500 километри и лансирани рампи за такви ракети. Тоа тврдење е целосно невистинито и САД не посочуваат никакви конкретни факти за докази, се наведува во соопштението на министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top