Станува збор за интерактивна работилница наменета за локални артист и млади кој се заинтересирани за звук, теренско снимање, аудио монтажа и продукција, радио арт, саундарт и сродни области и сите оние кој имаат интерес да се запознаат со основите на звучната уметност. Работилницата ќе се состои од работни сесии, кратки предавања, презентации, дискусии, теренско снимање на звуци и практична работа во природа, преку кои низ текот на оваа работилница учесниците ќе имаат можност прво теоретски да се запознаат со проблематиката и начинот на работа, а потоа и практично ќе се запознаат со концептот на теренско снимање со преносни аудио снимачи, како и целосен третман на снимениот звук од трансфер, монтажа, процесирање, секвенцирање па се до креирање, продукција и изведба на конкретна звучна форма.
Покрај работилницата во склоп на програмата е предвидено да има и поединечни и групни настапи и импровизациски сесии на отворен простор, амбиентални диџеј сетови, презентации на проекти на учесниците, звучни инсталации, а ќе се одржи и звучна прошетка до врвот Соколица.
Работилницата ќе биде под водство на кураторот Тони Димитров, додека гостин предавач е берлинскиот артист Frank Bretschneider, еден од пионерите на современиот електронски звук. За учество веќе се најавени нови и етаблирани звучни артисти од Србија, Косово, Португалија, Франција, Мексико, Полска.
Како дел од работилницата на 26 јуни во киното Фросина со почеток во 20 часот, ќе се одржи и аудио визуелен перформанс во живо на Frank Bretschneider, со кој ќе го претстави својот последен албум SINN+FORM.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.