| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија како швајцарски часовник во Сент Гален

Македонскиот ракомет има одлично реноме во светски рамки, а Кирил Лазаров и останатите наши репрезентативци ја потврдија класата и во Сент Гален со убедлива победа над Швајцарија. Славевме со 26-17 и тоа без проблеми во ниту еден дел од мечот и сега сме во позиција и со реми против Чешка на домашен терен да патуваме на Европското првенство во Полска следната година.

Македонската ракометна машинерија функционираше како прецизен часовник во Сент Гален вечерва, во амбиент што беше прекрасен за нас. на трибините доминираа македонските навивачи, а на теренот нашите ракометари држеа час од модерен ракомет.

Уште по првото полувреме видлива беше разликата во класи. Македонија водеше со 15-8, иако не играше капитенот Кирил Лазаров, а отсуствуваше и Наумче Мојсоски. Лазаров влегуваше во игра само за изведување на седмерците и беше прецизен 4 пати.

Во второто полувреме Швајцарите се заканија за момент, намалија на 12-17, но се разигра пикерот Стојанче Стоилов и со неколку погодоци во серија ја разби илузијата на Швајцарците за сензација во Сент Гален. Во самиот финиш шанса доби и талентираниот Филип Талевски и со гол ја затвори ракометната лекција од Македонија за Швајцарија.

Претходно во нашата квалификациска група Франција со 34-24 ја декласира Чешка на гости и ширум ни ги отвори портите кон Полска.

Во недела на домашен терен на Македонија и одговара и реми за пласман на ЕП. Франција е сигурен патник со максимален учинок од 5 победи и 10 бода. Македонија и Чешка имаат по 5 бода пред меѓусебниот дуел во Скопје од последната рунда. Швајцарија е без бодови.

Rakomet Makedonija Grcija 16 (Custom)

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top