Министерот за внатрешни работи Митко Чавков и неговиот црногорски колега Рашко Коњевиќ денеска остварија билатерална средба на маргините на Регионалениот форум на министри за внатрешни работи од земјите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ.
– Двајцата министри се согласија за успешната досегашна соработка меѓу министерствата, што само ги потврдува добрите односи меѓу двете држави на сите полиња- информира МВР.
На средбата, како што се наведува, беше истакната и отвореноста за континуитет и продлабочување на досегашните односи, како и продолжување на реализација на проектот за присуство на полициски службеници од Македонија во туристичките места во Црна Гора во летниот период.
– Ќе биде задржан досегашниот формат, односно во три наврати по два полициски службеници да бидат упатени на црногорското приморје кои би биле контакт и сервис за македонските туристи- стои во соопштението од МВР.
На средбата, понудена е помош за Република Македонија во однос на поглавјата 23 и 24 од пристапните преговори кои Црна Гора веќе ги има отворено, како и користење на нивните искуства во досегашните преговори.
Министрите Чавков и Коњевиќ оцениле дека поради актуелноста во моментот е потребно зголемување на размената на информации за борбата против тероризмот, како и информации за лица кои учествуваат во кризните жаришта низ светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.