| четврток, 6 декември 2018 |

Даниел Трбогазов, тренер по фитнес: Здравата крвна слика не кажува дека сме здрави

Физичкото здравје е нешто сосема друго. Многу луѓе денес имаат проблеми со движењето на екстремитетите, држењето на ’рбетот, флексибилноста. Современиот начин на живот нѐ тера повеќе да седиме, но, сепак, со мала мотивација може да ги разбудиме луѓето и тие да бидат физички активни, смета Трбогазов

Вежбањето е живот, смета Даниел Трбогазов, тренер по фитнес и професор по физичко образование, кој 16 години се занимава со спорт и со спортски активности. Поранешен пливач, сега тренер, смета дека здравата, односно добрата крвна слика не значи дека сме здрави. Затоа е потребно да посветивме многу внимание на физичката активност. Тој смета дека луѓето треба да го запознаат своето тело и да работат на движечките квалитети и на тој начин ќе се подобри квалитетот на живот. Тој практикува разни физички активности во текот на денот.

 

Daniel fitnes (4) (Custom)

Вежбањето е живот, смета Даниел Трбогазов, тренер по фитнес

 

Дали Македонците се мрзлива и недисциплинирана нација кога станува збор за физичката активност?

ТРБОГАЗОВ: Можеби тоа е мит, но јас сметам дека не сме мрзлива нација кога станува збор за вежбање. Луѓето сѐ почесто гледаат да најадат време да бидат физички активни, без разлика дали станува збор за сали за вежбање, пешачење во планина, пешачење по кејот на Вардар во Скопје, особено во лето. Луѓе трчаат, вежбаат, возат велосипеди. Во поново време и Водно е полно со народ што дошол на рекреација. И прошетката спаѓа во физичка активност. Можеби порано сме биле помрзливи, но мојот впечаток е дека одиме на подобро и физичката активност ќе се наметне како начин на живот.

 

Дали физичкиот изглед, односно убаво оформено тело е мотивација за вежбање или сѐ почесто здравствените проблеми стануваа предуслов за вежбање?

ТРБОГАЗОВ: Убавите нешта секогаш нѐ мотивираат. Кај помладите, убавиот изглед е тој што привлекува. Но, во подоцнежните години, можеби малку подоцна, луѓето почнуваат да вежбаат, најчесто по препорака на лекар. Затоа е подобро превентивно и порано да почнеме да се грижиме за физичките квалитети за да не биде потоа доцна.

 

Daniel fitnes (2) (Custom)

Луѓето треба да го прифатат телото како свој дом и да се грижат за него

 

Колку е важна физичката активност за здравјето на луѓето?

ТРБОГАЗОВ: Сѐ уште важи поговорката „Во здраво тело, здрав дух“. Здравата крвна слика не кажува дека сме здрави. Физичкото здравје е нешто сосема друго. Многу луѓе денес имаат проблеми со движењето на екстремитетите, држењето на ’рбетот, флексибилноста. Современиот начин на живот нѐ тера повеќе да седиме, но, сепак, со мала мотивација може да ги разбудиме луѓето и тие да бидат физички активни.

 

Со доаѓањето на летото, луѓето се позаинтересирани за подобрување на физичкиот изглед. Но, како да се натераат да вежбаат преку целата година?

ТРБОГАЗОВ: Во последно време фитнес-центрите се постојано полни со луѓе што вежбаат и се грижат за своето здравје. Но, кога ќе дојде пролет, сѐ помалку сакаат да вежбаат во затворен простор. Како вежбањето да стане животен стил? Можеби ако пред себе си поставиме цел, да знаеме што сакаме да постигнеме. Потребно е да се зголеми и нивото на едукација. Луѓето треба да го прифатат телото како свој дом и да се грижат за него. Никогаш не е доцна да почнеме со вежбање. Тука секогаш влијаат многу фактори, секогаш наоѓаме изговори дека сме зафатени со работни и домашни обврски. Мислам дека младите треба да почнат да се едуцираат соодветно за да им го наметнеме вежбањето како начин на живот. Искрено се надевам дека во следните генерации ќе имаме зголемување на физичката активност.

 

Колку време дневно е потребно да посветиме на вежбањето за да бидеме здрави?

ТРБОГАЗОВ: За рекреативец што сака да се одржува во форма доволно е три до четири пати неделно, меѓу 40 и 50 минути да посвети на вежбањето. Нема потреба да се оптоварува со висок интензитет. Ова е сосема доволно за да се грижиме за здравјето. Во професионалниот спорт се тренира и повеќе пати во неделата, имаат и по два тренинга во денот.

 

Како секојдневната физичка активност да стане начин на живот?

ТРБОГАЗОВ: Со едно кревање на чашата, ние сме физички активни. Секој од нас е физички активен на еден начин. Тие што работат во канцеларии, чијашто работа е поврзана со седење, се помалку активни. Затоа и ги советувам да најдат време и да вежбаат. Секогаш има време за тие што сакаат да вежбаат. Постојат луѓе што вежбаат пред да тргнат на работа, некои тоа го прават по завршување на работното време. На некои и самата работа им е физичка активност.

 

Daniel fitnes (3) (Custom)

Летово, на сите им препорачувам да не се затвораат во сали за вежбање, туку подобро е да вежбаат на отворено

 

Што препорачувате за летото, фитнес, аеробик, јога, боди-билдинг, пилатес? Што е најдобро за вежбање?

ТРБОГАЗОВ: Сите овие активности се добри. Но, сепак, тие треба да бидат со соодветен тренер за вежбите да бидат изведени коректно. Летово, на сите им препорачувам да не се затвораат во сали за вежбање, туку подобро е да вежбаат на отворено. Можат да планинарат, да уживаат во природната, пливањето е одлично за целото тело и ги активира сите мускули. Пешачење, трчање, исто така, се препорачува за овие денови. Секако, кога надворешната температура го дозволува тоа.

 

Интервјуто може да го погледнете на РепубликаТВ.

 

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Фото: Александар Ивановски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top