Министерството за здравство објави нови 308 специјализации и 75 супспецијализации.
Како што објави министерот за здравство Никола Тодоров, вкупно 191 специјализација и 56 супспецијализации се наменети за здравствени работници вработени во јавни здравствени установи, додека 117 специјализации се наменети за здравствени работници од приватни здравствени установи или невработени доктори на медицина (и 19 супспецијализации за здравствени работници од ПЗУ).
Објавените специјализации се во 47 различни медицински специјалности, како што се:
– гинекологија и акушерство (вкупно 15 специјализации),
– анестезиологија со интензивно лекување (вкупно 26 специјализации),
– дигестивна хирургија (вкупно 7 специјализации),
– детска хирургија (вкупно 3 специјализации),
– кардиологија (вкупно 17 специјализации),
– нуклеарна медицина (1 специјализација),
– онкологија и радиотерапија (вкупно 11 специјализации),
– педијатрија (болничка и вонболничка) – вкупно 43 специјализации,
– ургентна медицина (вкупно 9 специјализации),
– дерматовенерологија (вкупно 8 специјализации),
– радиологија (вкупно 10 специјализации),
– интерна медицина (вкупно 12 специјализации),
– урологија (вкупно 6 специјализации),
– медицинска нуклеарна физика (2 специјализации),
– ортопедија (10 специјализации),
– неврологија (6 специјализации),
– ОРЛ (9 специјализации), и други.
Супспецијализациите се во вкупно 15 различни супспецијалности, меѓу кои:
– Педијатриска анестезија – 6 супспецијализации
– Васкуларна хирургија – 3 супспецијализации
– Гастроентерохепатологија – 7 супспецијализации
– Гинеколошка мама радиодијагностика – 2 супспецијализации
– Дигестивна хирургија – 5 супспецијализации
– Ендокринологија – 4 супспецијализации
– Кардиологија – 11 супспецијализации
– Кардиохирургија – 2 супспецијализации
– Неонатологија – 1 супспецијализација
– Нефрологија – 5 супспецијализации
– Педијатриска пулмологија – 1 супспецијализација
– Пластична и реконструктивна хирургија – 5 супспецијализации
– Пулмологија и респираторна алергологија – 5 супспецијализации
– Трауматологија – 8 супспецијализации
– Хематологија – 10 супспецијализации
Огласот за кандидати за специјализации и супспецијализации е достапен на веб страната на Медицинскиот факултет, а рокот за пријавување на кандидатите е 30 дена од денот на објавувањето (трае до 2 јули 2015 за Медицински факултет Скопје).
-Како што знаете, специјализациите и супспецијализациите се предвидени во рамки на Програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадри согласно мрежата на здравствени установи, која Министерството за здравство ја изготвува врз основа на искажаните потреби за ваков кадар во здравствените установи, како и врз основа на предвидените пензионирања на здравствени работници. Како што споменав, од година во година се зголемува бројот на обезбедени специјализации. Само за споредба, во периодот од 2004 – 2009 година се доделени вкупно 688 специјализации, а само во последните две години се доделени 709 специјализации и 73 супспецијализации – изјави Тодоров.
Најголем дел од здравствените работници што ќе се запишат на специјализација или супспецијализација на овој оглас, стручно ќе се усовршуваат согласно новиот систем на специјализации воведен со измените на Законот за здравствена заштита од почетокот на оваа година, кој се темели првенствено на германскиот модел како и на искуства од Соединетите Американски Држави, Франција, и други странски држави.
Овој систем се воспоставува со цел стекнување поквалитетни теоретски и практични знаења и унапредување на вештините на специјализантите. Новиот систем на специјализации ќе го подигне нивото на знаење од оваа област, што е предуслов за подигнување на квалитетот на целиот здравствен систем.
Тодоров вели дека новиот систем на специјализации, меѓу останатото овозможува специјализантите во РМ да имаат пристап и да учат од стручната литература која се користи на универзитетите во Кембриџ, Оксфорд и други реномирани универзитети за да го стекнат тој квалитет и тоа ниво на знаење (преку користење литература од 100 врвни високообразовни установи, според Шангајската листа при изготвување на испитни прашања и како литература за подготовка за полагањата).
Исто така, новиот систем овозможува потемелна проверка на теоретските и практичните знаења на специјализантите преку нов начин на полагање на колоквиумите и специјалистичкиот испит, како и преку воведување на полуспецијалистичкиот испит заради проверка на општите знаења стекнати во првите две години од специјалистичкиот стаж.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.