| четврток, 6 декември 2018 |

Бундесбанк: Германците се посиромашни од Италијанците и од Шпанците

Bundesbank

Едно истражување на германската централна банка, Бундесбанк, дало изненадувачки резултати, според кои имотот на германските домаќинства е помал од имотот на шпанските и на италијанските, пишува „Франс прес“.

Просечниот имот на Германците, кој банките го пресметуваат така што ќе ги соберат сите недвижности и финансиската актива, па од тоа ќе ги одземат вкупните трошоци на просечното домаќинство, на крајот на 2010 година бил 51.400 евра.

Тоа е помалку од една третина од имотот на домаќинствата во Шпанија и во Италија, каде што нето-вредноста на имотот е 178.300, односно 163.900 евра.

Причината за помалиот имот на германските домаќинства е во сопственоста на недвижнини. Додека во Германија куќа или стан поседуваат само 44 проценти од жителите, во Италија таа бројка е 69, а во Шпанија 83 проценти.

Банката истражувањето го спровела врз 3.565 домаќинства во текот на 2010 и на 2011 година, јавила словачката агенција „Сита“.

Информациите содржеле податоци за материјалниот имот, штедењето во банки и приходите остварени од приватното пензиско осигурување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top