Романскиот премиер Виктор Понта соопшти дека е осомничен за фалсификување документи, перење пари и соучество во прикривање даноци, но ги отфрли повиците на шефот на државата да поднесе оставка. Според американските медиуми, Понта денеска бил во седиштето на Националната дирекција за борба со корупцијата (НДБК) и на излегување на новинарите им изјави дека е осомничен.
Романскиот претседател Клаус Јоханис побара оставка од Понта, но 42-годишниот премиер ги отфрли овие повици и јасно стави до знаење дека обвиненијата против него ги смета за политички мотивирани. Тој
подвлече дека „политичките прашања се решаваат во Парламентот, а не во антикорупциската служба“.
„Од романскиот Парламент бев назначен на оваа функција и само Парламентот може да ме отстрани“, напиша Понта на Фејсбук, цитиран од британските медиуми.
Обвинителите од Парламентот побарале да се дозволи судско гонење на премиерот. Тврдењата се однесуваат на неговата работа како адвокат во периодот меѓу 2007 и 2008 година, кога, исто така, тој бил пратеник од Социјалдемократската партија. Станува збор за случај поврзан со сенаторот Дан Шова, кој е од блиското опкружување на премиерот.
Обвинителите го сомничат Шова дека незаконски заработил 870. 000 долари како адвокат во приватизацијата на два електроенергетски комплекса и дека уништил компјутерски фајлови за да ги прикрие своите траги. Тој ги отфрла овие обвиненија. Пред неколку дена романскиот Сенат по вторпат го отфрли барањето на антикорупциските обвинители за приведување на Шова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.