Папата Франциск в сабота ќе го посети Сараево, Босна и Херцеговина, ќе упати порака за мир, ќе повика на соживот и ќе го поддржи екуменскиот и меѓурелигиски дијалог.
Во Сараево во тек се последните подготовки за пречекот на папата, при што ќе бидат ангажирани 10.000 припадници на безбедносните служби и жандармеријата на Ватикан.
Главниот град на Босна и Херцеговина практично ќе биде под опсада, а улиците по кои ќе се движи папата ќе бидат блокирани.
Централната манифестација на пречекот и обраќањето на папата планирано е на стадионот Кошево, каде се очекува присуство на 65.000 верници од БиХ и од регионот.
Еден од главните моменти на еднодневната посета на папата на Сараево е закажаниот меѓуверски состанок. Предвидено е Франциск да разговара со претставници на католичката, на православната, на муслиманската и на еврејската вера.
За средба со папата во Сараево се пријавиле 4.550 млади луѓе односно 150 групи од БиХ, од Хрватска, од Србија, од Словенија, од Италија и од Австрија.
Посетата на папата се совпаѓа со 20-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор со кој е завршена војната во БиХ (1992-1995).
Тоа е втора посета на еден папа на Сараево, по посетата на Јован Павле Втори во 1997 година. Папата Јован Павле Втори во 2003 година ја посети и Бања Лука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.