Лица со Даунов синдром танцуваат на мегахитот „Happy“, среќни, весели, насмеани. Ги следат чекорите што им ги покажува Сара Кочан, инструкторката и директорка на студиото за танц „Денсерс јунајтед МК“ (Dancers united МК), уживаат во музиката и во забавата. И тоа не им е првпат. Повеќе од една година ги учат чекорите, танцуваат, се забавуваат, учествуваат на натпревари.
„Денсерс јунајтед МК“ беа дел од настанот кој се одржа минатата недела во Градски парк, кај Школка. Се организираше пикник на кој имаше дружење, убава музика и вкусна храна. Танцуваа и лицата со Даунов синдром што го посетуваат ова студио, кое презема чекори за зголемување на вербата во способностите и вештините на лицата со Даунов синдром. Кочан верува дека тие лица имаат право и можат да остварат исполнет живот, длабоки пријателства и да го збогатат животот. Преку игра и забава се собираа средства, кои се донираа за поддршка на лицата со Даунов синдром и за поддршка на танцувачките активности во иднина. Слоганот на пикникот беше „Запознајте ги различностите“.
– Хуманитарниот пикник во неделата беше еден од низата настани на кои учествувавме со лицата со Даунов синдром, а средствата што ги собравме од донациите ќе ги намениме за летниот танцов камп. Секоја донација вклучуваше ваучер со кој можеше да се обезбеди оброк за пикник. Па, така преку одлична музика, вкусна храна и ладни пијалаци уживавме во танцовите презентации на лицата со Даунов синдром. Одлично дружење пред сѐ и верувам дека ќе има уште многу вакви настани и дека уште многу организации ќе го следат примерот на асоцијацијата „Алумни“. Овој настан разбуди голем интерес и бескрајно сум му благодарна на целиот тим што беше вклучен и доведе до успешна реализација на овој проект – вели Кочан.
За Кочан работата со овие лица е голем предизвик и желба која тлеела во неа многу одамна, уште пред да се отвори школата за танц. Со овие лица таа работи повеќе од една година.
– Сите ние сме различни на свој начин, но тоа не значи дека една таква категорија лица треба да бидат запоставени поради некоја разлика. За жал, тие не се вклучени во многу сфери. Мојата цел беше да докажам дека со нив може да се постигне голем напредок доколку се работи посветено и одговорно. Со нив работиме повеќе од една година, нижеме големи проекти кои ги реализираме со нив. Досега од реализираните настани ќе ги наведам: Инклузивниот танцов фестивал, Зимскиот камп за лица со Даунов синдром, Балот на различности, Флеш моб во „Сити мол“ и многу други. Прекрасно е да се работи со нив, интересно е тоа како тие гледаат на танцот и начинот на кој тие се изразуваат преку него. Првпат меѓу нив се најдоа и државни прваци во категоријата паратанц на Државното првенство овој месец во организација на Македонската асоцијација за модерни танци, каде што на наше барање Асоцијацијата првпат отвори натпреварување за оваа категорија лица. Бидејќи целиме за нивно вклучување во општеството, самата танцова програма во поголем дел од проектите ги вклучува лицата со Даунов синдром заедно со танчарите со типичен развој – објаснува Кочан.
Студиото „Денсерс јунајтед МК“ е основано во септември 2013 година. Има специјално опремени три сали наменети за танци.
– Нашето студио нуди програми за деца и за возрасни, и притоа нудиме разновидност што се однесува до програмите. За деца и за јуниори во моментов се најактуелни латинскоамериканските танци, балетот и програмата хип-хоп. Програмите што ги нудиме за возрасни се латинскоамерикански танц (почетни и напредни групи), зумба, фит-аеробик, стречинг, пилоксинг и бурлеск. Во нашата редовна дејност вклучуваме и часови за деца со пречки во развојот и лица со Даунов синдром. Листата на програми постојано ја надополнуваме и секогаш гледаме да одговараме на барањата на нашите членови – објаснува директорката на студиото.
Во студиото има околу 300 активни членови на сите програми заедно и таа бројка варира периодично. Што се однесува до групата за лица со Даунов синдром, таа брои околу 30 лица и во неа се вклучени лица на различна возраст.
– Досега сум немала лошо искуство – тоа зборува само по себе. Преку работата со овие лица се надградувам и јас. Од нив може да се научи колку да се ценат малите работи што нѐ прават среќни, а притоа кои секојдневни работи да ги ставаме во споредна улога. Среќата се гледа на нивните лица за време на часовите за танц. Танцот го користат како алатка за да го изразат духовното во себе. Ме радува што се посветени на задачите и ги исполнуваат. Ние заедно се бодриме и заедно ги уриваме бариерите. Тие ми се еден голем мотив во животот, а јас секогаш ќе гледам преку танцот да ја развивам свеста за оваа категорија лица – завршува Кочан, директорка на „Денсерс јунајтед МК“.
Пишува: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)