Охриѓани се мудри луѓе кои знаат што е вистина, знаат што е посветеност, знаат што е иднина. Во Охрид победи демократијата, во Охрид победи надежта, во Охрид победија охриѓани, истакна Никола Бакрачески на денешната прес-конференција по убедливата победа вчера на одржаните локални избори.
Тој им се заблагодари на граѓаните за големата поддршка што му ја дадоа нему и на советничката група на коалицијата „За подобра Македонија“ на, како што истакна, мирните, фер, коректни и достоинствени избори.
– Им благодарам на сите оние што во Никола Бакрачески, неговиот тим и во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ја препознаа политичката сила што ќе треба во наредните четири години да ја носи одговорноста за Охрид, за неговиот развој и приклучување кон современите и напредните градови. Им благодарам и на оние што не дадоа поддршка на нас поради некои свои определби, но убеден сум и верувам дека во иднина ќе ја препознаат нашата опција и во иднина реално ќе оценуваат кој постигнал повеќе – рече тој.
Бакрачески додаде дека неговата програма ќе биде основа на неговата и на работата на неговиот тим, без притоа да се спушта нивото на коректна политичка комуникација.
– Ова е град на позитивни луѓе кои и во тешки времиња остануваат оптимисти и со верба во својот град. Ние имаме јасна и чиста намера. И тука нема компромиси. На Охрид ќе му го вратиме достоинството, на Охрид ќе му ја вратиме препознатливоста, на Охрид ќе му ја вратиме надежта. Јас како градоначалник и мнозинството на советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ве уверуваме дека секој еден ден ќе ни биде посветен на Охрид. Нема ден да помине без да се сработаат дела во интерес на Охрид, без да се преземаат мерки во интерес на граѓаните – рече Бакрачески.
Тој уште нагласи дека од денеска Охрид им припаѓа на сите што ќе се гордеат со својот град, од денеска Охрид се враќа на картата градови кон кои ќе се зборува со респект, град што ќе се врати на мапата значајни и познати туристички дестинации.
Според последните податоци на ДИК, на вчера одржаните избори за Бакрачески гласале 19.870 граѓани, наспроти 12.532 колку што освои кандидатот на „Сојузот за иднината“ и досегашен градоначалник Александар Петрески.
Инаку, според прелиминарните податоци од изборите, коалицијата „За подобра Македонија“ освои и мнозинство во идниот состав на општинскиот совет. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 12 советници во 23-члениот совет на Опшината, наспроти коалицијата „Сојуз за иднината“ која освои осум советнички мандати. Останатите три советнички места ги освоија тројца кандидати од независни советнички листи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


