Вистината за протестот на 17 мај, протест што го најавуваше и рекламираше СДСМ на цел глас, потоа стана протест на граѓански организации. Всушност, од сцената пред Владата се обрати вистинскиот организатор и на протестот, а, како што се чини, и на политичката криза, Владимир Милчин. Секако, тука беа и придружните вокали како Мирјана Најчевска, Џабир Дерала и неколкумина пленумци по разни основи. Заедничко на сите, па и на СДСМ, е тоа што, всушност, сите тие „се хранат“ од џепарлакот од Сорос, според раката на Милчин.
Оттука, стратегијата на опозицијата, во форма на пораки испратени од сцената, не може да се сведе само на говорот на челникот на СДСМ, Зоран Заев. Пораките испратени од тој собир не може а да се изостават од костимираните настапи со амблеми во „чест“ на терористите, кои само една недела претходно убија осум полицајци во Куманово. На тоа се надоврзуваат и симболите за идеите за Голема Албанија, со кои насекаде на Балканот се предизвикуваат инциденти, поткрепени и со скандирања за УЧК. Таквата поставеност не може да е случајна, особено ако се има предвид дека во дел од обраќањата на говорниците се споменуваа загинатите полицајци како „топовско месо“, повторно обвинувајќи ја власта за сценарија, како и за „безмилосна пресметка со својот народ“.
Но, тоа не е важно за Сорос во Македонија. Важно е дека медиумите платени од него во светот ќе испратат слика за божемна меѓуетничка сплотеност против „режимот во Македонија“.
Во својот настап Милчин ги порача тие работи што Заев ги стави на маса уште на првите лидерски средби посветени на враќање на опозицијата во парламентот – прочистен избирачки список, смена на јавниот обвинител, на раководството на јавниот сервис МРТ… Оттука и не е чудо што Заев бегаше од договор на маса на тие средби. Заев и не преговара за свои барања. Ако прифатеше компромис, не би успеал да испорача политичка дестабилизација на земјата.
Од своја страна, Заев пред собраните пред владата повеќе зборуваше дека ќе го укине екстерното и за уписите на факултетите, отколку за економско-политичката платформа, како би ги вратил „слободата и демократијата“, или, пак, за иднината на државата. Токму тоа му го забележи и челникот на новинарското еснафско здружение, поради што веднаш беше прогласен за „соработник на режимот“.
Другите говори, полни со флоскули за „слободата и демократијата“, против „режимот и тиранијата“ не се ниту вредни за паметење бидејќи во ниеден од нив немаше реално согледување на фактите. Ако ништо друго, на препораките од Европската комисија, со години по ред, за отворање на преговорите за членство во Европската унија. А, ако Унијата поддржува „режим“ и „тиранија“ или „црни кошули“ за влез во ЕУ, тогаш работата е некаде многу згрешена.
Токму затоа и присуството на европски политичари, претставници од сестрински партии, не е новина на македонските политички собири.
Но, како политичка партија што се бори за власт, треба длабоко да се размисли кого да пушти на говорница. Така, да се дозволи „против режимот“ да говори поранешниот бугарски премиер, кој и самиот е „заглибен“ во судски процес во својата земја поради случај поврзан со тајни доверливи документи и со низа корупциски скандали зад себе, а против првиот човек на партијата – коорганизатор на протестот да има поднесено обвинение во кое се споменува прислушување, уценување на државен врв, соработка со странски служби, е премногу дури и за СДСМ.
Дури и да се изостави тој случај со Стаишев, каква порака испраќа СДСМ со протестот на Милчин, на кој покрај симболите на Голема Албанија во публиката, се обраќа бугарски политичар, кој не ја признава македонската нација и во време на своето владеење во Бугарија не дозволуваше регистрација на македонската организација ОМО „Илинден“ Пирин?
Оттука и реакциите на голем број граѓани, кои револтирани од протестот на кој присуствувале, до редакцијата на „Република“ испратија писма полни со разочараност и со порака „Никогаш повеќе…“
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 142. број на неделникот „Република“, 22.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.