3раѓаните ја испратија пораката – Македонија е силна! Неколку десетици илјади граѓани застанаа зад својот избор. Залудни се обидите за пребројување, залудни се обидите да се минимизира значењето на бројноста на народниот собир. ВМРО-ДПМНЕ како лидер на владејачката коалиција во Република Македонија отворено застана зад организирањето на собирот. Повеќе од 90, 100 или над 100 илјади граѓани го повторија својот избор. На ВМРО-ДПМНЕ и нејзината политика не им се потребни затскривања зад таканаречени граѓански организации кои, финансирани од главниот извор на политичките фрустрации – Отвореното општество на Владимир Милчин, ја тераат агендата на СДСМ за уривање на уставниот поредок на Република Македонија.
Залудни се мерењата платени од портмонето на Сорос за да се покаже еднаквост или доминација на тие што во Република Македонија гледаат „режим“. Тие што се слеаја пред законодавниот дом, ја пренесоа пораката до светот дека се за мир и за зачувување на правната држава и јавно изразената демократска волја. И против тоа не се може без политички натпревар на терен, без визија како натаму, со негирање на сѐ што значи демократија.
Разликата меѓу тоа што значеше народниот собир и протестот на опозицијата не е само во бројката од око. Разликата е и во испратените пораки од сцената, но и кој ги испраќа тие пораки. Владимир Милчин, Мирјана Најчевска, Петрит Сарачини, студент буквално задоен од агендата на Стојанче Ангелов… се само доказ за тоа кој е изворот на дејствувањата на опозицијата која во сето тоа влета со глава в ѕид, без никаква политичка платформа. Освен ако како платформа се важи геслото што го повторува Зоран Заев како расипана плоча – „слободата и демократијата“.
И токму затоа, протестот и народниот собир, одржани во само два дена, се оценети како еден вид референдумско изјаснување, кое покажа дека народот застанал зад политиката на бранење на македонските интереси и на економскиот развој, наспроти политиката на уривање и закани.
Најдобриот одговор за сите сценаристи
- ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе најдат начин да го запрат овој залет на правење штета на Македонија. Имаме план да ја надминеме кризата создадена од СДСМ и ќе го реализираме тоа што го ветивме. Нема да му дозволиме на Заев да го запре тоа што со години го градевме во економијата, силниот тренд на инвестиции и градење фабрики, силниот тренд на нови работни места.
Груевски јасно предочи дека на Македонија не ѝ е потребна политичка гарнитура која свесно се става на располагање на странска разузнавачка служба, која си има сопствена цел.
- Слушнавме многу бомбастични најави, но остана да виси прашањето: целата концепција за овој начин на дејствување на СДСМ е базирана на тоа дека имало нерегуларни избори во 2014 година поради што и не влегоа во парламентот и го спроведоа ова сценарио. Но, драги пријатели, дали забележавте дека во креираните и сечени снимки немаше ниту една снимка која укажува на изборни нерегуларности во 2014 година. Сè што извадија, со сиот лажен наратив и едитирани снимки, се однесуваше на парламентарните избори од 2011 година и на локалните избори од 2013 година. Ништо, нула за 2014 година, во која немаа ниту една жалба до Државната изборна комисија – рече Груевски.
Одлучно и моќно, со разумна и длабинска анализа на политичките случувања, Груевски испрати јасни политички пораки.
- Тоа што ни се случува, всушност, е диктатура на политичкото малцинство, инструмент на служба. Но, Македонија не е Никола Груевски или Зоран Заев. Ова е Македонија. Овој народ е најдобриот одговор на сите сценаристи што цврсто веруваа дека ќе нè скршат, дека ќе ни ги исперат мозоците, дека ќе нè прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи, дека ќе нè исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме. Но, вечерва го добиваат одговорот, Македонија не се предава, Македонија е силна. Ова е нечесна игра кон Македонија. Затоа ќе ја добиеме оваа битка – изјави Груевски.
- Демократија ли е ако на секој неистомисленик му упатуваш закана со објавување снимени и креирани телефонски разговори, стекнати на незаконски и на криминален начин. Демократија ли е ако пет часа ја тепаш со што ќе стигнеш сопствената полиција, и 38 полицајци се хоспитализирани, го симнуваш и кинеш македонското знаме само за да извршиш насилен преврат? Такви демократи не ѝ требаат на Македонија. Демократи кои јавно им се закануваат на медиумите што не ја поддржуваат нивната насилничка и кукавичка политика, демократи кои физички повредуваат и раскрваруваат новинарки и сниматели, демократи кои преку своите контролирани и однадвор платени и преплатени медиуми им упатуваат закани на сопствениците на медиумите што не ги поддржуваат, дека кога ќе дошле на власт, ќе завршеле вака или онака, демократи кои пред три години имаа обид за насилно влегување и окупирање на парламентот, демократи кои организирале свои групи насилници, кои ги тепаат неистомислениците од други политички партии – нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на народниот собир.
Народниот собир се одржа еден ден по протестот на опозицијата, во време кога почнаа средбите со присуство на меѓународни претставници. Обраќањето на Груевски, всушност, ги предочи и ставовите со кои замина во Стразбур, каде што повторно европратеници се обидуваат да посредуваат кон надминувањето на кризата. Први во тој правец, додаде тој, презедоа чекор Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков, кои, иако без докажана вина, покажаа одлука да се повлечат во интерес на државата. Груевски најави дека следува период на разговори со максималистички барања од другата страна, што е, како што оцени, пристап ист како на Грција во преговорите за откочување на евроатланската интеграција на земјата.
- Ние сме отворени за разговор. Но, нема да дозволиме решение спротивно на изборната волја на мнозинството граѓани. Ако дозволиме, тогаш зошто ни се избори во државата. Едноставно некој ќе си набави опрема за прислушување, ќе пушти свои политички противници како пцујат и кажуваат непријатни работи во афект, и ќе испорача барања за преодна влада. Колку едноставна би била политиката на тој начин…. Но, и тие што протестираа вчера, и тие се наши сограѓани и ние ја сфаќаме и нивната порака. И она што е суштинска и реална критика, за таквите нешта ќе направиме максимум да испорачаме резултати и корекции – рече Груевски.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 142. број на неделникот „Република“, 22.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)