| четврток, 6 декември 2018 |

Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ од Вевчани на Театарскиот фестивал во Кочани

Театарската претстава „Јованче и Марика“ на Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ од Вевчани во режија на Душко Кукоски се натпреварува во официјална конкуренција на 51. издание на ДАФ – Кочани.

Да се има брат е вистинско богатство, а да се има сестра уште поголемо – е пораката што актерите на Патувачкиот театар од Вевчани на еден спектакуларен начин ја пратија на најмладата публика во Кочани.

Вистинско одушевување за публиката беа најмладите членови на Патувачкиот театар, Давор Бетоски и Ева Костојчиноска во улогите на Јованче и Марика.

Младата Зорица Мурџеска го толкуваше ликот на зајачето, а веќе потврдените актери на театарската сцена во Вевчани: Славе Бебекоски, Наташа Ташкова и Стефан Попаѓиноски ги толкуваа ликовите на таткото, вештерката и на гавранот.

Претставата изобилува со многу музика што специјално за овој проект ја направи Перо Пешиноски, а за техничка реализација на претставата се погрижија Кирил Бебекоски и Томе Шутиноски.

Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ работи во рамките на Здружението – КУД „Дримкол“ од Вевчани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top