| четврток, 6 декември 2018 |

МОСТ: Првиот круг од локалните избори помина мирно

Гласањето на првиот круг од локалните избори беше спроведено во мирна атмосфера, со голем одѕив на граѓаните, изјави денеска на прес-конференција извршниот директор на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов.

Најчести нерегуларности за кои известувале 3.332 на МОСТ се групно и семејно гласање, некористење на УВ-лампата, фотографирање на гласачките ливчиња и евидентирање на гласачите од страна на партиските набљудувачи на самото гласачко место.

– Сепак, мора да се истакне намалениот интензитет на дел од овие појави, како на пример гласањето во име на друг и повеќекратното гласање на исто лице, но од друга страна зголемување на случаите на групно или семејно гласање, изјави Алексов кој го презентираше прелиминарниот извештај на МОСТ за првиот круг од локалните избори.

Тој информираше дека на најмалку 15 избирачки места имало граѓани кои не можеле да се пронајдат во избирачкиот список. Алексов рече дека во овој момент не би можел да прецизира за колку граѓани станува збор, но оти нивните набљудувачи ја забележале оваа појава.

Во однос на избирачките одбори кои беа во нов состав, според граѓанската асоцијација, во најголем дел мошне ефикасно ја извршиле својата работа во текот на гласањето, а во поспецифични случаи барале интервенција од ОИК кои експресно реагирале и ги решавале овие случаи.

– Ова претставува продолжување на позитивната практика која беше забележана и на претходните парламентарни избори, рече Алексов.

Законските рокови за спроведување на изборните дејствија генерално се почитувале. Алексов изјави дека на овие избори има повторно предвремено започнување на кампањата, а според него тоа е поради минималните казни предвидени за тоа, но загрижува и фактот што ДИК не постапила по ваквите прекршувања на партиите иако до неа пристигнале вакви претставки.

Во однос на изборната кампања за првиот круг, Алексов рече дека таа се карактеризирала со интензивна активност од страна на партиите, со голем степен на политичка поларизираност, негативна кампања, злоупотреба на државни и јавни ресурси, присуство на малолетници на митинзи, а мошне често и со говор на омраза.

– По подолго време беше забележана зголемена употреба на националистичка реторика, изјави извршниот директор на МОСТ.

Првиот круг на локалните избори МОСТ го набљудуваше преку 18 регионални канцеларии кои ги покрија сите 80 општини и Градот Скопје, односно територијата на цела Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top