Владата води сметка и презема чекори со кои целосно им се помага на луѓето од Диво Насеље кои немаат никаква вина за настаните што се случија, а претрпеа штети по нивниот движен или недвижен имот, истакна премиерот Никола Груевски на денешната собраниска седница.
Одговарајќи на пратеничкото прашање на Орхан Ибраими од ДПА, премиерот Груевски посочи дека на првата владина седница по случувањата во Куманово е донесена одлука на 125 семејства од Диво Насеље да им се исплати првична помош од 100 илјади денари по семејство, а веќе е направена и теренската процена на штетите од страна на формираната комисија од Владата.
– Процената е завршена и на следната седница на Владата треба да биде усвоена, по што ќе следува исплатата од 100-процентен износ. Над 80 куќи се оштетени повеќе или помалку, а околу 16 се сериозно оштетени, така што на сите 100 отсто ќе им биде покриена штетата – нагласи Груевски.
Тој додаде дека е донесена и одлука на семејствата во чии куќи има големи оштетувања да им се овозможи привремен престој и да им плаќа кирија се до моментот додека не се обнови нивниот уништен дом.
Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ побара одговор од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во врска со засадувањето на палмите по што доби одговор од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дека одлуката за засадување на палми е донесена по сознанијата од експертите дека овие дрва успеваат во Македонија.
– Како Влада одвоивме 500 илјади евра преку Програмата за рурален развој и сметаме дека нема ништо лошо во тоа секое дрво кое може да успее, да биде засадено, рече заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски.
Седницата за пратенички прашања ќе продолжи по редовната попладневна пауза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.