Ова е еден од петте карактеристични параметри од големиот број анализи и податоци содржани во годишниот извештај за Дијагностичко сродни групи (ДСГ) за изминатата година, кои денеска на прес-конференција ги презентираше директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски.
Посочи дека во годишниот извештај се издвојуваат податоци за третманот на акутните болни во здравствените установи кои вршат болничка здравствена заштита во Република Македонија за периодот јануари-декември 2014 година.
Стефаноски појасни дека најголемиот број лекувани акутни болни во болничка здравствена заштита се во регионот на градот Скопје, каде се евидентирани 110.725 или 47,1 отсто од вкупниот број на ДСГ случаи во Македонија (вклучени се и приватните болници со кои ФЗОМ има склучено договор).
– Ако се собере бројот на хируршките интервенции извршени во Универзитетските клиники, ГОБ 8 Септември Скопје, Специјална болница по гинекологија и акушерство Чаир Скопје, ПЗУ Филип 2, ПЗУ Клиничка болница Систина, ПЗУ Систина офталмологија, ПЗУ Европска очна болница се добива податок дека 63,1 отсто од сите хируршки интервенции се изведуваат на територија на град Скопје. Во ГОБ „8 Септември“, 49 отсто од пациентите се со извршени хируршки интервенции, додека кај сите други општи болници просекот на хируршки интервенции е околу 28 отсто, рече Стефановски, појаснувајќи го вториот параметар во извештајот.
Според третиот параметар, во 2014 година, како и во 2013 година, најзастапени здравствени услуги се згрижување новороденче без компликации, нормално породување без компликации, респираторни инфекции без компликации, породување со царски рез без компликации и горно респираторни инфекции со воспаление на уво.
Четвртиот параметар во извештајот го образложи директорот на ФЗОМ Орхан Рамадани, кој рече дека во врска со просечниот престој на пациентите во болниците се забележува континуирано намалување, од 6,2 дена во 2009 година, до 5,5 дена за 2013 година и 2014 година, што е една од главните придобивки од воведувањето на ДСГ методологијата.
– Според видот на здравствената установа просечниот престој изнесува: 6 дена во клиниките, 5 дена во клиничките болници, 5,2 дена во општите болници, 5,8 дена во специјалните болници, 17,1 дена во психијатриските болници и 5,3 дена во приватните болници – рече Рамадани.
Потенцира дека комплексност на случаите или Cаsemix index е главен показател кој ја прикажува комплексноста на третираните пациенти, сложеноста на извршените процедури и тој на национално ниво изнесува 1,10, што претставува зголемување во однос на 2013 година (1,09), што значи дека во Македонија сложеноста на изведените интервенции (лекувањето) изнесува 1,10.
– Здравствени установи со највисок Cаsemix index (сложеност на лекуваните пациенти) за 2014 се: клиниките за кардиохирургија (13,98), за хематологија (6,77), за неврохирургија (3,34), за дигестивна хирургија (2,98), за детска хирургија (2,88) и за неврохирургија (2,30). Од клиничките и општи болници највисок Cаsemix index има ГОБ „8 Септември“ (1,26) – рече Рамадани, презентирајќи го петтиот параметар во извештајот.
Годишниот извештај за 2014 година опфаќа 61 здравствена установа, класифицирани според видот на институцијата, од кои 56 се јавни здравствени установи (14 општи болници, 27 клиники, 3 клинички болници, 9 специјални болници, 3 психијатриски болници) и 5 приватни. Деталниот извештај го има на веб страницата на ФЗОМ www.fzo.org.mk во делот за извештаи, анализи и прегледи.
Одговарајќи на новинарско прашање, Стефаноски рече дека ГОБ „8 Септември“ е една од болниците кои третирале најголем број пациенти во 2014 година.
– Следствено на тоа расте и индексот на сложеност на интервенциите кои секоја година се вршат во оваа општа болница. Во текот на изминатата година оваа болница го зголеми капацитетот со повеќе нови апаратури со кои е подобрена дијагностиката на пациентите кои се лекуваат таму- истакна Стефаноски.
Според него, зголемениот број заболени кои побарале интервенции во болниците се должи на зголемената можност за подобра дијагностика и подобрата здравствена култура на граѓаните, што е резултат и на зголемената свест кај луѓето и на кампањите кои минатата година го таргетираа населението за да ја зголемат свесноста за подобро здравје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.