
Поради т.н. БНД афера со недели меѓу коалиционите партнери во германската Влада трае вистинска мала војна од критики меѓу демохристијаните на Ангела Меркел и социјалдемократите на Зитмар Габриел, но никој не го наведуваше зборот избори.
Меѓутоа, оваа табу беше урната кога високиот функционер на Меркел од Христијанско демократската унија (ЦДУ), Михаел Фукс, отворено најави можен распад на големата коалиција и одење на предвремени избори. Причина за тоа е што социјалдемократите премногу ги критикуваат демохристијаните поради начинот на кој постапуваат во врска со тоа што германската Сојузна разузнавачка служба (БНД) ги прислушкувала европските сојузници за сметка на американската Национална безбедноста агенција НСА.
– Што ќе се случи ако Ангела Меркел со изгласување на недоверба во Парламентот оди на предвремени избор, праша Фукс, инаку заменик шеф на пратеничката група на демохристијанскиот блок ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, за „Хановерише алемајне цајтунг“.
Тој притоа укажа дека истражувањата на јавното мислење покажуваат дека ЦДУ повторно би била најсилна партија во Бундестагот, но дека за неа може да има и други опции кога е во прашање основање на владејачка коалиција. Според Фукс, либералите од ФДП кои беа во Владата на Меркел од 2009 до 2013 година, сега се на праг да го поминат изборниот цензус од пет отсто, неопходен за влез во Парламентот.
На сојузните избори во 2013 година, германските либерали, кој ги предводеше тогашниот шеф на германската дипломатија Гидо Вестервеле, за влакно не влегоа во Бундестагот. Меѓутоа, со новиот лидер Кристијан Линднер, тие сега се надеваат дека можат да го поминат цензусот на сојузни избори, кои редовно треба да се одржат дури за две години.
Според Линднер, либералите ќе ја променат моќта во Германија, а тоа изгледа го посакуваат и владејачките демохристијани, на кои не им се допаѓа тоа што сега се во голема коалиција и моментално трпат критики од Социјалдемократската партија (СПД).
Бидејќи анкетите укажуваат дека СПД бележи 25 отсто поддршка во гласачкото тело, а демохристијанскиот блок 42 отсто, Фукс смета дека СПД не треба да фрла камења по Меркел.
И навистина СПД не успеа да ја зголеми популарноста, иако исполни некои предизборни ветувања. Меѓутоа, вицеканцеларот Габриел инсистира да се разјасни аферата БНД, па дури порача дека Владата во Берлин мора да им покаже на Американците дека има ’рбет и веднаш да открие кои се биле целите кои БНД ги шпионира за сметка на НСА. Габриел смета дека, ако се открие дека се шпионирани Германци и германски фирми, тоа ќе биде државен скандал.
Меѓу другото, медиумите до сега открија дека цели на шпионирање биле Европската комисија, Елисејската палата, француската дипломатија, австриски политичари, но и концерни на наменската индустрија ЕАДС и „Еврокоптер“, кои сега се дел од „Ербас групата“.
Додека Париз не критикува премногу и чека Берлин да ја разјасни аферата, во Виена се слушаат се повеќе критики на сметка на Германија и БНД, а австриските медиуми објавија документ кој докажува дека БНД склучила договор со „Дојче телеком“ за да ги шпионира австриските институции за сметка на НСА.
Како што пренесуваат австриските медиуми, овој договор под името Транзит докажува дека австриските фирми и политичари 11 години се следени така што им биле пресретнувани меилови и телефонски разговори. Австриските медиуми тврдат дека врз основа на овој договор склучен на 1 март 2004 година, БНД имала можност да го преземе целиот тој електронски сообраќај од Виена, Рим и Москва, кој одел преку централата во Франкфурт.
Засега официјален Берлин успева да ги убеди своите европски партнери да не креваат преголема врева околу спорното прислушување, но беше откриено дека најголемиот проблем за канцеларката лежи во нејзината влада, во која СПД се погласно поставува непријатни прашања за работата на БНД.
Иако аналитичарите за сега не прогнозираат дека во Германија ќе дојде до предвремени избори, тоа што високиот функционер на демохристијаните отворено ја наведе таа можност, е всушност порака до социјалдемократите дека Меркел може да повлече и ваков драстичен потег.
Но, според оценката на уредничката на политичката рубрика на онлајн изданието на Шпигл, Анет Мериц, двете страни сакаат смирено да влезат во изборите во 2017 година, така што ова е само прерана псевдоизборна кампања.
Политика – Белград
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


