Водачите на вооружената група којашто се судри со полицијата во Куманово, планирале напад на затворот кај Подуево за да ги ослободат затворениците кои издржуваат високи казни.
Врз основа на информации и документи на Косовската информативна агенција и косовската полиција, Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, како водачи на групата од 44 лица планирале да го нападнат добро обезбедениот затвор во Грдовци кај Подуево, од каде сакале да ослободат две лица за кои се смета дека се најопасни на Косово, пишува приштинскиот дневен весник Koha Ditore.
Станува збор за затвореници кои отслужуваат казни за повеќе злосторства, меѓу кои убиства.
Групата била следена од 2013 година, а деталите за нивните планови произлегуваат од надгледувањето на нивните средби со лица осомничени за исламски екстремизам на Косово.
Koha Ditore, повикувајќи се на наводни докази од косовското разузнавање и полицијата, пренесува дека тројцата убиени косовски Албанци во инцидентот во Куманово и македонскиот државјанин наводно соработувале со македонската Управа за безбедност и контраразузнавање да предизвикаат инцидент за којшто за возврат би добиле пари.
Поранешниот припадник на ОВК и водачот на вооружената група, Бег Ризај кој беше убиен во судирот со полицијата во понеделникот беше погребан во меморијалниот центар во општината Дечани со високи почести.
На комеморацијата којашто ја организирала општината, присуствувале неговите соборци од поранешната ОВК во униформи на расформираната организација. Ризај бил офицер на специјалната единица „Црни орли“ на ОВК.
Голем број граѓани, пратеници од сите партии застапени во косовското Собрание, како и личности од јавниот живот на Македонија и Албанија присуствувале на погребот. Телото на Ризај било замотано со знаме на Албанија. Сите говорници на погребот го нарекле „Ризај херој на албанскиот народ“.
Двајца водачи на групата беа убиени, а останатите уапсени по судирот со македонската полиција во Куманово што се случи на 5 мај, кога загинаа осум полицајци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации