Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до својот грчки колега Каролос Папуљас по повод Националниот празник на Република Грција.
– Дозволете, во оваа убава пригода, да ја нагласам цврстата определба на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи и соработката со вашата земја, што е во интерес на граѓаните на нашите две земји. Сметам дека можеме да бидеме задоволни што нашите две општества и економии успешно соработуваат. Она што ние, како претседатели, и нашите влади, имаме обврска и одговорност е да ја охрабруваме и да создаваме уште поповолни услови за севкупна соработка, за што постојат одлични потенцијали. Ние сме целосно подготвени – вели во честитката претседателот Иванов.
Воедно, додава македонскиот претседател, би сакал да го истакнам своето длабоко убедување, дека со заеднички напори ќе дадеме значаен придонес во остварувањето на заедничката визија за мир, стабилност, просперитет и благосостојба во регионот како дел од големото европско и евроатлантско семејство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


