| четврток, 6 декември 2018 |

Техеран забранува некои од забавните работи во животот – кои Иранците вака или инаку ги прават

teheranМногу од нешата кои на луѓето од западот им причинуваат задоволства и забава, се забранети во Иран – од општење преку твитер до модерни фризури. Но проблемот за властите всушност е што Иранците – вклучувајќи ги и оние од највисоките кругови на власта – не обрнуваат внимание на тие забрани.

Претседателот на Здружението на иранските фризери, Мостафа Гуахи, сакаше само да истакне нови цени на услугите, но здодевните новинари го натераа да ги коментира државните прописи за западните фризури.

– Впечатливите фризури, се разбира дека се сосема забранети, одговори тој онака како и што се очекуваше од него.

На пример, фризери кои прават „сатански фризури (бричење на главата од двете страни и подигнување на косата по средината) ќе се збогуваат со своите дозволи за работа.

Но официјалната линија – или подобро кажано официјалната фризура – не секогаш е популарна.

– Сето тоа се празни прикаски, одговори лефтерно Хамид, сопственик на физерски салон во северен Техеран. „Клиентот кажува што сака, плаќа добри пари и го добива тоа“, додава тој.

– Не можам да натерам некој тинејџер да изгледа како дедо му, дури тоа и да значи да оставам да изгледа како помија за кучиња, рече Хамид.

Како татко и фризер тој многу добро знае дека луѓето во неговата професија и нивните клиенти со години ги прекршуваат правилата за фризурите.

Сега повеќе од триесет години со исламски систем, кој беше воведен по револуцијата, се стравува од „западното културно влијание“, кое може да го втурне иранското општество кон неморалност. Особено од младите луѓе од кои се очекува да добијат солидно муслиманско воспитание и да не го загубат својот национален и религиозен идентитет заради западните влијанија.

Но освен неколкумина духовници од тврдата линија, денес има малку луѓе кои ги поддржуваат тие ставови и ги сметаат за параноја.

– Не можеш да апсиш млади луѓе заради тоа, вели иранскиот претседател Хасан Рохани. „Не можеш насила да го однесеш некого во рајот. Покрај тоа, во оваа епоха на интернетот и сателитите, луѓето не можат да бидат контролирани. Така што просто треба да им веруваш“, рече Рохани.

Забраната за користење на социјални мрежи, како Фејсбук и Твитер, е одличен пример за тоа кое тој го има предвид. Милиони Иранци ги посетуваат тие сајтови, а поеќето од претставниците во државното раководтсво имаат своит акаунти на твитер и фејсбук, меѓу кои се и претседателот и врховниот духовен лидер.
Но на хартија тоа се уште е забрането.

– Нема ништо поглупаво од тоа, рече администратор во иранско интернет кафе. Иранците ја заобиколуваат забраната со софтвер кој може да се најде во секоја продавница за компјутери.

За исто толку смешно се смета и се уште важечката забрана за сателитски антени со кои се начичкани покривите во целата земја. Во изминатите години, полицијата не еднаш насила ги симнувала антените, но со тоа не постигнале којзнае што.

– Мојата сателитска антена три пати ја симнуваа и веќе истиот ден викав некого да ми постави нова и подобра, вели 48-годишната домаќинка Судабех.

Строгите ограничувања за неженетите двојки исто не ги спречуваат младите луѓе да одат на средби, и тие често се гледаат во не многу евтините кафе барови во престолнината и бескрајно пијат капучино и со часови флертуваат.

– Идејата на властите само женетите двојки да можат да седат тука со часови и да си муабетат со филџан скапо кафе, покажува колку глупоста е безгранична, рече Реза, кој е сопственик на просперитетен кафе бар во престолнината.

Холивудските филмови исто така се забранети во Иран, но пазарите се полни со пиратски копии.

– Тука наоѓаме големи филмови уште пред тие да стигнат во Европа, вели техерански продавач на дивдиња на пазарот Таџриш. И затоа што цените се под 50 центи, некои Иранци си купуваат и по десет дивидиња наднаш за преку викендот. Истото важи за забранети цедиња со поп музика, кои се купуваат полесно и се уште поевтини.

Има строги забрани и за облеката за жените: од нив се бара да носат шамии кои ќе ја покриваат косата, и долги мантили кои ќе ги кријат облините на телото на жените кога околу нив има непознати мажи.

– Едноставно измислуваме нови секси мантили секој пат кога ќе воведат нова забрана, вели студентката Мина.

Во последниве години, мантилите стануваат се покуси и потесни, покажувајќи доволно од фризурата и шминката, очигледно за да се привлече вниманието на мажите.

Колку контрапродуктивни можат да бидат забраните за политичарите стана јасно на претседателските избори уште во 1997 година. Тогаш конзервативниот кандидат Али Акбар Натег-Нури беше сметан за фаворит и со подбри шанси од Мохамед Хатами.

И двајцата духовници бранеа идентични политички позиции и не предлагаа нешто којзнае колку различно. Тогаш во едно телевизиско интервју, Натег-Нури ја поддржа забраната за сателитски антени. Хатами премолче во однос на темата, и постигна голема изборна победа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top