Новак Ѓоковиќ го доби непосакуваното и, веројатно, ќе мора да игра со Рафаел Надал во четвртфиналето на Ролан Гарос. Таков распоред се случи на ждрепката за престижниот гранслем-турнир на земјена подлога што ќе се игра од понеделник во следните две седмици.
Ѓоковиќ го нема трофејот од Париз во колекцијата со гранслем-турнири, а самиот изјави дека сака да го избегне дуелот со Надал пред финалето.
Рафа, пак, е деветкратен шампион на Отвореното првенство на Франција и суверен владател на земјените терени во Париз. Има само еден пораз на овој турнир и ќе се обиде да направи единствен подвиг да ја освои тениската „Ла десима“ во Париз.
Дуелот пред финалето стана можен со падот на формата на Надал и падот на светската ранг-листа на седмата позиција. Новак е првопласиран на АТП листата и прворангиран носител на Ролан Гарос и игра во извонредна форма. Надал е како дома на Ролан Гарос, води против Ѓоковиќ со 6-0 на овој турнир, па нивниот четвртфинален дуел, ако нема сензација ќе биде вистински тениски спектакл во градот на светлината.
Новак Ѓоковиќ во првото коло ќе се сретне со Јарко Ниеминен, додека Рафаел Надал стартува против младиот Французин Квентин Халис, моментно 304. на АТП-листата.
Енди Мареј и Роџер Федерер на стартот ќе го одмерат силите со квалификанти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.