| четврток, 6 декември 2018 |

Вистината настрада и без војна

Во илјадници текстови и анализи се коментираше и се информираше за кумановските настани. И македонските и странските медиуми како ретко кога беа преполни со информации за настаните во Куманово, се разбира, не за арно, особено не за арно на Македонија. Тоа што е заедничко за лажната вистина, која можевме да ја видиме деновиве, е дека таа беше координирана и имаше за цел да поддржи некакви цели. Секој од тие центри што работеа во тој правец имаат свои интереси во Македонија и сите се водеа од нив, а не од потребите на Македонија

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Во текот на драмата во Куманово, каде што загинаа осум македонски полицајци, без ниту еден повреден цивил, Македонија доби неколку чудни реакции од своите соседи, земји што ги смета за пријатели, а кои отвораат дилеми за тоа колку може да им се верува на нивните јавни реакции, во случајов – официјалните соопштенија испратени од Тирана, Москва, Вашингтон и од српските медиумски центри.

 

И се закани ли Албанија на Македонија?

Во случајот со Албанија, крајно е несериозно што официјална Тирана не ги осуди тие што во униформи, вооружени со снајпери „калашников“ и со ракетни фрлачи влегоа во населено место и се обидоа да нападнат државни објекти. Место да се осуди очигледниот тероризам, чиишто жртви се и полицајци и цивили, Албанија во соопштението се занимава со „говорот на омраза и со екстремните дејства“. Ако сакаше да ја докаже својата искреност и реалност во реакцијата, албанското МНР мораше да им верува на македонските власти и да ги осуди своите сонародници од Косово и од Јужна Србија, кои повторно ја нападнаа Македонија. Вака излегува дека Тирана сака да ги поистовети изразите на говор на омраза на социјалните мрежи со убиство на цивили и на полицајци  во центарот на Куманово. Никој нема дилеми дека доколку имаше и два процента веројатност напаѓачите да беа Срби или Бугари, Тирана директно ќе ги прозваше и ќе бараше да се однесуваат разумно. Вака Албанија само покажа дека искреноста никогаш нема да биде на маса кога се работи за нејзините браќа по крв и по оружје, кои по којзнае кој пат предизвикаа крвави инциденти. Потегот на Тирана германскиот весник „Велт“, инаку близок на партијата на Меркел, ЦДУ, го нарече отворена закана од Албанија и од Косово кон Македонија.

 

Русија не смее да долева масло во огнот

Нејасна е и реакцијата на руското МНР, кое без никакви докази веднаш ги осуди опозицијата и некои невладини организации за кумановската драма, освен доколку Москва немаше конкретни информации за тоа кој е организатор и кој го спроведува нападот во Куманово (а кои во тој случај ќе беше фер да ѝ ги предочи на македонската влада). Русија не смее на овој начин да се меша во внатрешните работи на земјата и да додава дополнителна масло во огнот. Иако за многумина е логична оцената дека инцидентот во Куманово и во Гошинце е добредојден за опозицијата и за дел од невладините организации блиски на неа, сепак е несериозно една од најпринципиелните дипломатии на светот да дава оцена за нешто за кое никој во саботата не можеше да каже зошто се случи и за чии интереси.

 

И САД како прле пред магаре

По изјавите за Македонија како земја што се наоѓа на „линија на огнот меѓу САД и Русија“ и САД мораше да бидат повнимателни кога само неколку часа по крвавиот пир на косовските терористи во Куманово објавија дека во Куманово имало мртви полицајци и цивили иако македонската влада реши до крајот на акцијата да не излегува со информации за жртвите. Зошто амбасадата на САД во Скопје истрча како прле пред магаре не е јасно, особено ако се знае дека ако повикувате на смиреност, не смеете да создавате нова паника со објавување информација за мртви полицајци. И на обичен турист му е јасно дека избрзани информации за убиени полицајци можат да предизвикаат масовна одмазда по скопските улици и автобуси на градскиот превоз, а не на искусните аналитичари на Америка. Едноставно, невозможно е ова да не го знаат во американската амбасада во Скопје и во Стејт департментот во Вашингтон. Оттаму мораат на своја совеста барем делумно да го стават инцидентот во скопската населба Ченто во која веднаш по информациите на амбасадата на САД биле нападнати невини луѓе во меѓуетничка пресметка.

 

За кого работат дел од српските медиуми?

Иако не се дел од државните структури (иако некои од нив се блиски на власта во Белград) српските медиуми свесно или несвесно објавија информации што со право внесоа немир меѓу македонското населени. Тврдењата дека кон Куманово тргнуваат српските четници значи директна покана и за други слични такви радикални структури во Прешево и во Косово и тоа добро го знаат српските новинари, кои ако се анализира сопственоста на медиумите во кои работат, се доаѓа до заклучок дека се на платен список на моќници и на фирми од повеќе земји како Грција, Русија, САД, Кипар, Франција и Британија, како што знаат и дека лажната информација дека македонската полиција се повлекла од границата со Србија е обид да се внесе паника меѓу населението и меѓу македонските безбедносни сили, односно дека е директен обид за специјална војна, и тоа на еден од најтешките денови за Македонија во последните години.

 

Столтенберг пак се посрамоти

Во низата реакции за кризата во Куманово се вклопи и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кој побара истрага за вооружените Албанци како да е тоа нешто што владата во Скопје ќе го процесира без соодветна истрага и судски случај. И Столтенберг и другите западни лидери еден ден ќе мора да ги објават јавно критериумите според кои убиството на новинарите во седиштето на „Шарли ебдо“ беа класичен тероризам, а нападот во Куманово, каде што имаше соопштение со преземање одговорност и политичка платформа, не се смета за тероризам. Чесниот Скандинавец, кој е познат по својата правдољубивост, уште еднаш во случајот со Македонија мораше да ги прекрши личните принципи и да игра според двојните стандарди на западната политика сместена во скутовите на косовските и на албанските лоби-групи.

kolumna141-2

И ние не се прославивме

И македонските медиуми не се на листата на тие што се обидоа со конструктивен пристап да помогнат во надминување на кризата во Куманово. И ако партиско-медиумските расправии за тоа дали Заев и Груевски лани биле на одмор во Грција или дали кога биле во основно училиште носеле титовки не можат да направат штета во смисла на човечки живот, објавувањето лажни информации за настаните во Куманово можеше да има психички и физички последици по живото на некои луѓе.

Овде не зборувам за албанските медиуми и за социјалните мрежи каде што комуницираат Албанците, каде што можеа да се слушнат низа лажни кампањи. За нив се знае како функционираат и тука нема изненадување. Повторно кај нив во игра беа невини Албанци, кои ништо не знаат, и агресорите, клетите славомакедонски окупатори, кои апсат и се изживуваат над чесните Албанци. Истите Албанци што за 500 евра им изнајмиле куќи на очигледни терористи сега се жалат дека не знаеле што прават.

Лагата за загинати цивили во Куманово, која кружеше три дена, сè до понеделникот, кога беше расчистено дека нема таков случај, беше не само неодговорна, туку и основа за кривично гонење. И не само што тоа го објавуваа неодговорни медиуми со цел да предизвикаат реакција кај албанската заедница, туку тоа го подгреваа и македонски политичари. И тие се виновни за неколкуте инциденти што се случиле во Скопје, а за нив јавноста сè уште не е соодветно информирана.

Приказната за загината брачна двојка и за нивното петгодишно дете, која, исто така, беше ескплоатирана од опозициските медиуми, беше крајно неодговорен чекор. Дел од нив дури сакаа да покажат дека тоа што дел од терористите беа во фармерки е доказ дека тие се „невини граѓани“, кои имаат барутни честички на раката затоа што биле на лов минатата ноќ. Да не зборуваме дека систематски, заедно со дел од српските медиуми и дел од македонските медиуми, на кои им одговараше поголема драма како доказ за неспособноста на власта , објавуваа дека и во Тетово и во Арачиново има пукање, а во Зајас, каде што ДУИ победува со 99 проценти од гласовите, само што не е отворен нов фронт. Меѓу другите непотврдени лаги беше и таа за евентуалното бегство на еден од приведените, кој додека покажувал каде е скриено оружјето од Гошинце, за кое, исто така, се тврдеше дека е местено, им избегал на полициските „алфи“. Последна шпекулација што беше систематски користена од дел од медиумите е информацијата дека МВР контактирало со терористите со тоа што некои не ја разбрале наредбата, па објавија дека се контактирало за да се нарача влез во Куманово, а некои за да се предадат терористите.

 

(Текст објавен во 141. број на неделникот Република, 15.05.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top