Новак Ѓоковиќ игра во извонредна форма и веќе освои 5 од седумтте турнири на кои настапи сезонава, но искрено вели дека не посакува да се судри со Рафаел Надал пред финалето на Ролан Гарос. Тоа е единствениот гранслем-турнир што најдобриот светски тенисер го нема во својата колекција, а експертите велат дека сега е вистинскиот момент за Ѓоковиќ да се искачи на тронот на парискиот турнир. Интересно е што Надал нема да биде меѓу четирите носители бидејќи падна на седмата позиција по проблемите со повредите и слабите игри на АТП турнирите, што значи дека е можен судир меѓу нив уште во четврт-финалето.
Надал, сепак, е тениска институција во Париз на Ролан Гарос, турнир што го има освоено 9 пати. И има само еден пораз од Робин Содерлинг, комбинирано со биланс од 6-0 против Новак Ѓоковиќ.
– Искрено подобро би било да играм со кој било друг на Ролан Гарос отколку со Надал. Никогаш го немам победено на овој турнир – изјави српскиот ас.
Според игрите што ги прикажува, Новак ќе биде прв и апсолутен фаворит за победа на Гарос. Надал не е во препознатливата форма, но не смее да се заборават неговите 9 круни во Париз, а се чини дека Федерер го мина зенитот и игра на турнир и на подлога што не му омилени. Слично е и со Енди Мареј, а надвор од големата четворка тешко дека има тенисер што може да го разбие моќниот квартет во тенисот.
Турнирот почнува во понеделник, 25 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



