| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска се очекуваат официјалните резултати од ДИК

Novi-sliki-glasanje-12Државната изборна комисија се очекува во текот на денов ќе ги соопшти првичните неофицијални резултати од локалните избори, веднаш откако ќе бидат обработени сите избирачки места, – Податоците континуирано се објавуваат и континуирано се менуваат. Со оглед на фактот што станува збор за локални избори и поради големиот број општини и избирачки места и голем број изборни комисии што ги внесуваат податоците во системот на Државната изборна комисија во овој момент не можеме да излеземе со првични резултати, рече претседателот на ДИК Борис Кондарко.

До 24 часот, посочи, пристигнати се податоци за 1.275 од вкупно 2.976-те гласачки места или 57,96 проценти. Во нив на изборите за градоначалници гласале 473.859 гласачи од вкупно 1.743.403 запишани гласачи во избирачкиот список. Важечки се 458.934, а неважечки 14.925 гласачки ливчиња. Одѕивот изнесува 67,61 процент.

За гласањето за советите во општините пристигнале податоци за 1.701 избирачко место или 57,16 отсто. Вкупно гласале 467.893 гласачи од кои важечки се 448.780 гласачки ливчиња, а 19.113 се неважечки. Одѕивот на гласачите изнесува 67,99 отсто.

На гласањето за градоначалник на Град Скопје  од вкупно регистрираните 444.259 гласачи кои треба да го дадат својот глас на 536 избирачки места до 24 часот обработени се податоците за 84 избирачко места или 15,67 отсто каде гласале 32.924 гласачи.

Кондарко истакна дека Државната  изборна комисија  го оценува како многу позитивен високиот одѕив на граѓаните на локалните избори и е задоволна што  денот на изборите поминал без  насилство и без предизвикување никакви физички инциденти  на гласачките места и во текот на изборниот ден. Се надеваат дека тоа ќе продолжи и понатаму  при процесот на броење на гласовите, како и при процесот на транспорт на материјалот.

Сепак, според Кондарко, на изборниот ден на гласачките места  имало сериозни нарушувања на изборниот  процес и на постапката за гласање во и вон избирачките места.

– Според информациите со кои располагаме и кои се уште пристигаат  и ги добиваме по разни основи, службено и неслужбено, како и според  сознанијата од изборните органи,  сознанија од гласачи, од кандидати за градоначалници и советници, од политички партии, како и пред се од многубрoјните домашни и странски набљудувачи, невладини организации и слично, но и од медиумите, значајно е да се одбележи дека во  текот на гласањето, на изборниот ден, на гласачките места беа присутни и огромен број сериозни нарушувања на изборниот  процес и постапката за гласање во и вон избирачките места, рече Кондарко.

Со оглед на природата и  содржината на забелешките за кои имаме информации дека се  евидентирани во записниците на многу избирачки места во различни општини, додаде Кондарко, очекувам дека ДИК сериозно и одговорно ќе ги истражи и провери во целост  за што во наредниот период во законските рокови ќе одлучува јавно и транспарентно по добивање на записниците од избирачките места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top