Винсент Компани ќе ја преземе капитенската лента од Томас Фермален и ќе ја предводи Белгија против македонската репрезентација задутре, во Брисел, во натпревар од европските квалификации за настап на СП во Бразил 2014 година. Стоперот на Манчестер сити не играше во Скопје, завчера, поради повреда, но Белгијците и без него нѐ победија со 2-0.
– Среќни сме што Винсент неочекувано брзо се рехабилитира од повредата и морам да им заблагодарам на докторите за одлично завршената работа. Очекувам капитенот да биде 100-процентно подготвен за натпреварот со Македонија. Ако се случи нешто непредвидено, тогаш и Даниел ван Бајтен ќе биде вистинско решение. Тој одигра совршен меч во Скопје – вели Марк Вилмотс.
Проблем за него е што Ван Бајтен се жали на повреда, а дефинитивно вон строј останува Жилјом Жиле. Кај нас право на настап немаат Бобан Грнчаров и Мухамед Демири поради парни жолти картони.
Во составот ќе се вратат десниот бек Даниел Георгиевски и Никола Глигоров, кои не играа во Скопје поради „жолтица“. Наместо Грнчаров, најверојатно како стопер ќе игра Ванче Шиков, а Глигоров ќе го замени Демири. Натпреварот ќе се игра од 20.45 часот, на арената „Крал Бодуен“ во Брисел. Судиите се од Португалија, а ќе ги предводи главниот арбитар Олегарио Бенкеренса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


