Стивен Џерард се простува од Ливерпул, односно од својот „Енфилд роуд“ и прекинува една неверојатна приказна за верност, за љубов кон еден клуб, за вечна врска меѓу фудбалер и саканиот клуб.
Џерард ќе замине во МЛС-лигата во САД, а токму тој беше поводот во фокусот да бидат приказните за Тоти, Иниеста, Меси, Чави, Гигс, Сколс, Малдини, Барези, Аугенталер и други играчи што настапувале само за еден клуб од почетокот до крајот на кариерата. И кога ќе се спомне Македонија, сите се сеќаваат на легендарниот фудбалер на Вардар, Кочо Димитровски. Фудбалер чијашто приказна е еднаква на фудбалските великани што се спомнати, а кои знаат само за еден клуб.
Или, како што вели мотото на Вардаровите навивачи, познатата изрека „Еден живот, една љубов, еден клуб“.
- Мојот фудбалски живот е 50 години ФК Вардар. Во саканиот клуб сум од 1964 година, кога како дете почнав да го носам дресот со црвено-црни бои, па сѐ до 2014 година, кога се пензионирав. Ги минав сите фази од пионерската школа, до стандарден првотимец и капитен со десетгодишен стаж, па сѐ до тренер на Вардар со титула од националниот куп во 1999 година. Фудбалската кариера во Вардар, во мојот единствен клуб, ми траеше точно 21 години, а потоа бев тренер и работев и со помладите категории и со сениорите – вели Кочо Димитровски.
Игрите во маало, на скопскиот асфалт во строгиот центар на градот кај поранешниот „Гранд хотел“, на интересен начин се префрлија на големото тревно игралиште во Градски парк во Скопје, и тоа во дресот на македонскиот фудбалски миленик Вардар.
- Јас сум роден скопјанец и, веројатно, многу логично беше да играм за Вардар. За мојата фудбалска кариера е заслужен исклучиво татко ми. Тој беше упорен да бидам фудбалер. Како и сите деца, игравме фудбал во маало, по 4-5 натпревари на ден, а татко ми само ми рече дека ќе одам во Вардар. Виде некаков талент во мене и многу ме поддржуваше. Ќе ми се скинеа патиките и веднаш ми купуваше нови. Ќе се дупнеше старата топка и експресно добивав нова. Оттогаш фудбалот стана главен дел од мојот живот – раскажува легендата на Вардар.
Вардар не трепна пред Трепча
Во ерата на Кочо Димитровски стариот Градски стадион во Скопје беше мека на македонскиот фудбал, место на кое се оди со задоволство, со насмевка на лицето, место што значи престиж да се посети. И Вардар носеше многу радости, но и тага по поразите. За легендата на Вардар еден меч засекогаш ќе остане во сеќавање. Победата против Трепча во 1979 година има посебно место и во Вардаровата историја.
- Една недела пред мечот и потоа не се сеќавав што ми се случува. Полн стадион, електрицитет до максимум, но успеавме да го добиеме мечот со 2-1 и да се пласираме во Првата лига. Дуел што ја одреди посветлата иднина на Вардар бидејќи потоа клубот никогаш не испадна во понизок ранг. Направија пенал врз мене, а Борче Мицевски беше прецизен. Потоа Савовиќ израмни со гол за Трепча, но Рингов во вистински момент го даде првиот гол во кариерата со глава. За незапаметена радост и за нас, фудбалерите и за публиката, па и за цела Македонија. Таков натпревар не се заборава – се сеќава Димитровски.
Пред половина век, талент за фудбал кај слабото 14-годишно момче препознаа и Благоја Вучидолов, Андон Дончевски и Часлав Божиновски. И почна една приказна за фудбалер што стана синоним за верност, за љубов кон еден клуб, за долга полувековна врска меѓу Кочо Димитровски и Вардар.
- Имав понуди да заминам во Динамо Загреб, во Партизан, потоа и шанса да играм во Шпанија, Грција и во Австралија, но некако бев приврзан за оваа средина, за родителите, за Скопје и за Вардар. Тогаш важеше забраната за заминување на фудбалска печалба пред да се наполнат 28 години, што дополнително придонесе да не направам интернационална кариера. Веројатно ќе играв и за репрезентацијата на поранешна Југославија ако бев, условно кажано, во поголем клуб. Презадоволен сум од мојата играчка кариера, но настапите за Динамо или за Партизан ќе ми донесеа педесетина настапи за националната селекција. Тогаш беше така, главниот збор го диктираше големата четворка на југословенскиот фудбал. И токму против нив бевме екстра-мотивирани и дававме најмногу. Мене ми се погоди да ја почнам кариерата со два блок- натпревари против Партизан и Динамо. Се сеќавам дека загубивме од Партизан на моето деби за Вардар, а гол ни даде извонредниот Боривое Бора Ѓорѓевиќ. Потоа ни гостуваше Динамо и јас успеав да го постигнам мојот прв гол за Вардар. Тоа се незаборавни спомени – се потсетува на старите добри времиња Димитровски.
На интересен начин некогашниот полушпиц на Вардар, а потоа и халф на „црвено-црните“, раскажува за дел од дведецениската фудбалска кариера во најтрофејниот македонски клуб. Рекордер е со 945 меча во сите натпреварувања. Половина од нив се првенствени, а Димитровски има постигнато вкупно 95 погодоци.
- Кога почнував како првотимец на Вардар, во тимот сѐ уште беа Шулинчевски, Мето Спасовски, Мето Спасовски, Сократ Мојсов. Се гордеам што сум играл со нив. Потоа сите останати во мојата ера играа со мене. Затоа што Кочо остана, а сите си одеа или доаѓаа во Вардар. Клуб што имал врвни играчи од кои слободно може да се направат неколку тима од соништата. Играв и со помладата генерација, со Рингов, Савевски, Канатларовски, Панчев… Има плејада фудбалери што оставиле силен печат во Вардар. Клуб што е познат и многу пошироко од просторот на Македонија. Наш бренд што треба да се почитува. Јас ги почитувам сите останати наши клубови, но Вардар е еден и посебен. И затоа сум посебно горд што сум го носел дресот со црвено-црни бои, и тоа на многу чесен начин и секогаш максимално посветен на клубот. Со крената глава и без темна дамка заминав во пензија – вели Димитровски.
Изгледа мошне витално, иако од лани и официјално е пензионер, а фудбалската крв сѐ уште врие во него. Ги следи состојбите во македонскиот фудбал и особено во неговиот омилен тим Вардар. Сепак, според него разликата од времињата кога Кочо, Шуле, Мете и останатите од старата Вардарова гарда играа фудбал, а потоа и со генерацијата на Васе, Пепи, Тони, Цапар, Даре, и сегашната постава е многу голема. Има голема поткрепа за неговата теза дека минатите времиња имаа многу подобра фудбалска клима од сегашната.
- Споредбата, според мене, е излишна. Па, ние го имавме Мето Спасовски, за мене најдобриот фудбалер во Македонија на сите времиња. Играч што имаше сѐ што е потребно за да се биде модерен фудбалер. И дриблинг, и брзина, и техника. Едноставно, незадржлив на теренот. Штета што играше на позиција лево крило, каде што беше привилегиран Драган Џаиќ. Мете заслужуваше многу повеќе да игра за репрезентацијата. Што да се каже за Шулинчевски, за Илиевски и за многу други извонредни играчи од моите почетоци во Вардар. Потоа го имавме Васил Рингов, фудбалер со најдобра дијагонала во Југославија. Па, Канатларовски, Савевски, Дарко Панчев, еден расен стрелец, кој безмилосно ги тресеше противничките мрежи. Подоцна и европски и светски првак, „Златна копачка“ на Европа. Квалитет, титули, признанија и успеси што се далечни за сегашната генерација. Вардар сега има стабилен спонзор, а сѐ друго некако е недоречено. Во нашите времиња река луѓе се слеваа кон Градскиот стадион, се натпреваруваа кој побрзо ќе стигне за да фати место на преполните трибини. Сега останаа само „Комитите“ да го бодрат клубот и уште грст луѓе што доаѓаат да го гледаат Вардар. Па, ние имавме повеќе луѓе што ги следеа нашите тренинзи отколку што сега доаѓаат на натпреварите на Вардар. Тоа се несоборливи факти – прави споредба Димитровски.
Човек што е и медицински феномен и постојано е меѓу сонот и јавето. Спие, но со будно око, од 1963 година. Од трагичниот 26 јули кога Скопје беше погодено од стравотен земјотрес.
- Од земјотресот ми остана проблемот со неспиењето. Веројатно е последица од шокот по трагичниот удар во Скопје во 1963 година. И потоа многумина не ми веруваа, се прашуваа како можам да не спијам. И постојано ме тестираа, дури им стана и интересно. Ќе затворам очи и по неколку часа соиграчите што се со мене во соба ќе ме прашаа дали спијам. И зачудено реагираа кога веднаш ќе им одговорев. Најчестата реакција беше: „Па, ти навистина не спиеш“. За среќа, се навикнав и не ми претставува проблем бидејќи утрото го дочекувам свеж. Не спијам, а сум доволно наспан за да можам да функционирам нормално. Се консултирав и со доктори, ми објаснија дека нема лек за мојот проблем, но јас функционирам без проблем – го објаснува медицинскиот феномен што постојано го остава меѓу сонот и јавето.
Популарност што го блокира сообраќајот
Полни стадиони, силна лига, возбудливи и неизвесни дуели ја издигнаа тогашната југословенска фудбалска елита на ниво на најсилните во Европа. Со таков квалитет на фудбалот, со преполни трибини и екстра-квалитет очекувано доаѓаат и популарноста и заслужените привилегии за играчите.
- И сега ме лазат морници кога ќе се сетам на натпреварите од тие времиња. Покрај големата четворка, ги имавме силните Вардар, Сараево, Железничар, Вележ, Челик, Олимпија, Слобода… Да не заборавам некоја од екипите што носеа квалитет. Бевме подобри од Шпанците и според мене југословенската лига во одреден период беше четврта најсилна во Европа, зад Англија, Италија и Германија. Тоа носеше привилегии и за нас фудбалерите. Јас никогаш не сум барал ништо посебно, но тоа доаѓаше само од себе. Немаше зејтин, беше криза за млеко, за бензин, но за нас секогаш имаше и од тоа што го немаше на рафтовите во продавниците. Во една пригода пред мојот дом во центарот на Скопје ме запре полиција бидејќи ненамерно направив прекршок. Излегов од возилото подготвен за казна, но полицаецот веднаш ме препозна. Од казната немаше ништо, а наеднаш се собраа десетина луѓе. Се разви муабет за фудбал и воопшто не забележавме дека го блокираме сообраќајот. Да не звучи нескромно, но бевме популарни, луѓето нѐ препознаваа, нѐ бодреа, навиваа за нас. За фудбалот се говореше со огромна страст, а ние секогаш се трудевме да возвратиме со максимална борбеност и со квалитетни игри – ја завршува својата приказна македонскиот Рајан Гигс.
Разговараше: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 141. број на неделникот „Република“, 15.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вардар испиша историја со најновиот ранкинг на УЕФА
-
Поранешен фудбалер моли за помош: Беше дел од „златниот“ Вардар, а сега трпи за леб (видео)
-
Муслиу си поигра мајтап со Вардар: Ќе потпише со Приштина, па веднаш на позајмица во Шкендија
-
Јаневски: Мора добро да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната, целта е нов трофеј