Драмски театар Скопје во вторник на малата сцена премиерно ќе ја изведе монодрамата „Јане Сандански 100 години после“ во изведба и режија на актерот Петар Темелковски.
Поводот е еден век од загинувањето на Сандански, кој на 22 април 1915 година бил предаден и убиен на пат кон Неврокоп.
Темелковски денеска на пресконференција рече дека од сите негови досегашни монодрами (како за Вапцаров, Филип Втори, Рацин, Јустинијан…) овој лик му оставил впечаток на најтрагична фигура во македонската историја.
– За разлика од другите илинденци Гоце Делчев, Даме Груев, Никол Карев, Питу Гули, кои го завршија животот со сон дека Македонија ќе биде независна, обединета и силна држава, Јане Сандански ја доживеал поделбата на Македонија на 10 август 1913 година во Букурешт. Во него се направил прелом и тој влезе меѓу тие личности од светската историја, кои ја презираат опасноста од смртта. Неговиот земен живот од август 1913 година до убиството во 1915 година е привремен и е лебдеење. Иако бил предупредуван да го одложи патувањето, тој свесно тргнал по патеката на која го завршил животот. Кога ги загубил идеалите, нему му било сеедно каде ќе го најде крајот. Смртта ја прифатил како составен дел од својот живот – рече Темелковски.
За монодрамата тој користел архивски материјали за македонската историја од македонски историчари. Монодрамата се однесува само на периодот од 10 август 1913 година до 22 април 1915 година.
Додаде дека претставата има емотивен пристап и поетична димензија, дека внел и свои коментари и дека монодрамата не е само, како што рече, сувопарна хронологија на историските настани.
Директорот на Драмски театар Роберт Вељаноски истакна дека монодрамата ќе биде четврта нивна премиера во 2015 година, по „Љубовници“, „Чолак“ и „Безљубни“. Почнати се подготовките на „Сирано де Бержерак“ од Едмон Ростан, која ја режира Дејан Пројковски, а до јули ќе биде изведена и премиерата на „Еригон“ од Јордан Плевнеш во режија на Јани Бојаџи. Од септември ДТС ќе ги подготвува и премиерите на „Змејот“ на Евгениј Шварц во режија на Александар Поповски и „Библија“ на режисерот Срѓан Јаникијевиќ.
Од септември е во план Драмски да почне подготовка на копродукција со друг македонски театар. Вељаноски не соопшти детали, но рече дека претставата ќе биде „нешто што е важно за времето во кое живееме“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.