| четврток, 6 декември 2018 |

Александар Аладишев, руски актер: Театарот е универзален јазик

Големо задоволство ми причини претстават на Идо Нетанјаху, која ја гледав синоќа, гледав претстави на македонски, литвански, полски јазик и уште еднаш ми се потврди убедувањето дека театарот е универзален јазик и понекогаш не е важно на кој јазик се зборува во претставата, вели Александар Аладишев

На интернационалниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“, младиот руски актер Александар Аладишев ја изведе монодрамата „Сонот на Хамлет“.  Тој доаѓа од Академскиот драмски театар од градот Владимир, Русија. Режисер е Линас Мариус Заикаускас, а станува збор за алтернативна камерна претстава по мотиви од трагедијата „Хамлет“ на Шекспир.

Вашата претстава низ современа призма, ги обработува настаните после смртта на Хамлет. Кажете ни мнешто повеќе за „Сонот на Хамлет“?

-Ова е меѓународен проект насловен „Сонот на Хамлет“. Стаува збор за пиеса од германски драматург со руско потекло Нина Мазур која е театарски критичар и куратор организатор на многу фестивали. Таа е пријател на нашиот театар и кога размислувале за тоа некоја монодрама да се подготви за репертоарот на нашиот театар,  Нина им ја предложила оваа пиеса и заедно со директорот на театарот Борис Гунин одлучиле да ја постават. Режисерот на претставата по потекло е од Литванија- тоа е Линас Мариус Заикаускас. Во писеата на Нина Мазур настаните се случуваат по смртта на Хамлет. Тоа е вечниот сон во кој Хамлет одново ги преживува сите настани од делото на Шекспир. Повторно ги преживува емоциите, настаните, но ништо не може да измени. Публиката ќе види како се однесува Хамлет кон ннастаните, што мисли за тоа. и дали е можно нешто поинаку да се направи…Негова единствена желба му е сето тоа побргу да заврши.

Прв пат гостувате на Битола Шекспир фестивал, дали кај Вас има некаков сличен фестивал?

-Во нашиот театар има фестивал на кој учествуваат победниците на театрите од Русија. Со оваа претстава гостувавме на Кипар, а ова во Битола  е второ гостување на претставата во странство. Големо задоволство ми е што можам да настапам надвор од Русија и да ја покажам руската уметност овде, но и да гледам странски претстави. Тоа е прекрасна културна размена. Големо задоволство ми причини претстават на Идо Нетанјаху, која ја гледав синоќа и уште еднаш ми се потврди убедувањето дека театарот е универзален јазик и понекогаш не е важно на кој јазик се зборува во претставата. Видов претстави на литвански, на македонски јазик, на полски и ако не навлегувам во поединости на претставата претставите ми беа разбирливи. Ги преживувам истите емоции како и актерите на сцената и сфаќам дека јазикот не е препрека, а театарот е универзална алатка.

Се играат ли други дела од Шекспир во вашиот театар? И воопшто има ли интерес за Шекспир во Русија покрај големите руски автори?

-Имаме Триптих посветен на Шекспир: „Хамлет“-класична претстава, „Сонот на Хамлет“ и „Убиството на Гонзаго“, работена  по пиесата на Неделко Јорданов. Разни претстави се играат на нашата сцена. Ако „Хамлет“ е повеќе класична претстава, „Сонот на Хамлет“ е алтернативна,  а „Убиството на Гонзаго“ е силна еклектичка претстава. Повторно се јавува интересот за Шекспир во Русија. Неговите дела се поставуваат на сцените во Петроград, во Москва… Ако во Англија сакаат да го поставуваат Чехов, Русите го сакаат Шекспир.

Вашата претстават е на руски јазик со превод на англиски јазик и стана уште една во низата успешни монодрами кои оставија значајна трага на Битола Шекспир Фестивал. Благој Мицевски вели дека кај нас младите актери ретко се одлучуваат за монодрама, сметаат дека треба да се повозрасни за таков потфат, за разлика од останатите делови во светот.

-Кај нас има подем на монодрамата. Јазикот на современиот тетатар подразбира интимен разговор со публиката. Тоа за мене е важно. Мене ми се допаѓаат токму такви претстави каде има поубав интимен однос со публиката.

Дали сте го играле класичниот Хамлет бидејќи во монодрамата „Сонот на Хамлет“ имате алтернативна камерна претстава? Може ли да направите паралела што Ви претставува поголем предизвик, класичната претстава или алтернативниот приод?

-Сега ја подготвувам класичната улога на Хамлет во нашиот театар. Актерот во животот може неколку пати да ја игра улогата на Хамлет: и на 20 години и на 70 години, бидејќи тоа е генијално дело и се до денес има интерес во светот за него. Иако тој е принц поставува прашања кои го допираат секој обичен човек, а се однесуваат на животот, предавство, љубовта, судбината и разни одлуки кои човекот ги носи во животот. Интересно ми е да играм паралелно во два сосема различни Хамлети.

Дали толкувате само театарски улоги или учествувате и во телевизиски серии, филмови…

-Во Владимир не се снимаат филмови.  Кај нас доаѓаат од Москва и снимаат филм. Треба да живеете во Москва за да снимате филмови. Во моментов ми е поинтересно да работам во театар и таму да ја градам својата кариера. Тоа не значи дека не би сакал да снимам филмови, но има време за се.

Кажете ни нешто за Академскиот драмски театар „Владимир“

-Таму работеле многу режисери кои потоа станале познати во цела Русија и во светот. Академскиот драмски театар „Владимир“ е една од најстарите театарски институции во Русија, со традиција од повеќе од 170 години. Театарот е добитник на значајни театарски награди кои се доделуваат во Русија, но и ширум светот. На секои две години во театарот се одржува серуски театарски форум каде се презентираат најдобрите претстави во Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top