Јунакот на Јувентус за пласман во финалето на Лигата на шампионите е Шпанецот Алваро Мората, кој токму од Реал Мадрид минатото лето се пресели во редовите на „старата дама“.
Тој во двомечот со својот стар клуб успеа да постигне два гола и ги урна надежите на мадриѓаните дека ќе играат финале и ќе се обидат против Барселона да ја одбранат европската круна од минатата година.
По натпреварот, Мората истакна дека е пресреќен што токму со неговите два гола Јувентус се пласираше во финалето, но не заборава од која фудбалска школа потекнува и во кој клуб го почна првиот професионален ангажман. Токму поради тоа младиот Шпанец не се радуваше на двата постигнати гола, во Торино и вчерашниот на „Сантијаго Бернабеу“.
– Ова е неверојатен успех, но нема да застанеме тука, сакаме да ја освоиме титулата. Постигнав гол, но ќе бев многу посреќен ако го дадев против некој друг тим. Имав некое чудно чувство и им благодарам на фановите на Реал Мадрид затоа што секогаш ми даваа поддршка, а тоа го сторија и вечерва. Во некои моменти од мечевите во Торино, а и тука во Мадрид, мислев дека се работи за тренинг. Им благодарам и на Касилјас и на Серхио Рамос кои веднаш ми честитаа за пласманот во финалето – изјави Алваро Мората.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.