Во Полска денеска се спроведуваат претседателски избори. Меѓу 11-те кандидати во првиот круг најмногу шанси за победа има актуелниот претседател, 62-годишниот Бронислав Коморовски, поради фактот што како поранешен министер за одбрана е најдобро упатен во безбедносните прашања, кои поради украинската криза во Полска избија во прв план.
Коморовски за Полјаците е олицетворение на стабилноста, што му е доблест во време на безбедносните закани во непосредното соседство, но и недостиг кај оние кои сакаат промени, поради што се свртуваат кон неговите противкандидати кои сите се против либералната и проевропска политика што ја спроведува полската влада.
Доминантна политичка партија веќе осум години во Полска е Граѓанската платформа, која го поддржа Коморовски и на изборите во 2010 година, кога првпат го освои петгодишниот мандат. Предизборните анкети на актуелниот претседател му даваат околу 35 отсто од поддршка на гласачите, иако имаше претходно и речиси 10 отсто повеќе, но сепак и ова е значителна предност пред првиот противкандидат, 42- годишниот Анджеј Дуда, кој не успева да надмине 30 отсто. Ниеден од другите девет кандидати, меѓу коишто пет се десничари, не добиваат повеќе од 5 отсто поддршка од гласачите, освен Павел Кукиз, 51-годишниот рокер кој е многу популарен во Полска и за кого би гласале 11 отсто од гласачите.
Во Полска овластувањата на претседателот се многу ограничени, но неговата улога е влијателна во областите на надворешната политика и одбраната, и може да предлага закони и има право да вложи вето на донесените закони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.