Известувачот на Европскиот парламент за Македонија Иво Вајгл денеска предупреди дека судирите на македонската полиција со вооружените групи во Куманово претставуваат пресртница и оти нивната ескалација би ја загрозила стабилноста не само на земјата туку и на целиот регион.
– Со денешните крвави судири во Куманово и човечките жртви, политичката криза во Македонија ја достигна по се судејќи пресудната точка за иднината на земјата која веќе десет години чека да ги почне преговорите за пристапување во ЕУ, наведува Вајгл во соопштението до медиумите.
Словенечкиот европратеник, кој заедно со неговите колеги од ЕП Ричард Ховит и Едвард Кукан посредува меѓу македонската власт и опозицијата за надминување на политичката криза, истакнува дека политичките партии се должни да го обезбедат функционирањето на државните институции, вклучувајќи го и парламентот. Политичките лидери во Македонија имаат одговорност да спречат ескалација на насилствата на улиците, како од страна на демонстрантите, така и од полицијата, вели Вајгл и ги повикува сите македонски државни институции да се вклучат во спречувањето на какво било физичко или вербално насилство и тероризам.
– Македонија во овој момент го заслужува сето внимание на ЕУ и меѓународната заедница, а дестабилизацијата на државата лесно би можело да има тешки последици за стабилноста на југоисточна Европа, порачува Иво Вајгл.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


