| четврток, 6 декември 2018 |

МВР: СДСМ повторно се обидува најподло да манипулира со физичкиот напад врз Богдановиќ

Министерството за внатрешни работи соопшти дека веднаш по физичкиот напад врз Саша Богдановиќ едно од осомничените лица е пронајдено и приведено, а се работи за М.Д. 928) од Скопје. Од извршениот разговор со него како причина за физичкиот напад е наведена претходна расправија околу навивачки групи. Од МВР посочуваат дека оваа информација е испратена до сите медиуми уште во 12 часот односно неколку часа пред настапот на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов како дел од информацијата објавена во билтенот.
– Не е првпат Социјалдемократскиот сојуз да се обиде најподло да манипулира, но јавноста заслужува да ја знае вистината. Таа во конкретниов случај вели дека, денеска околу 02.00 часот С.Б.(30) од Скопје, пријавил дека на 07.05.2015 година околу 23.50 часот на ул.Дане Крапчев“ при излегување од возило бил физички нападнат од две непознати маскирани лица, при што истите го удриле со тврд предмет и со тупаници по што го напуштиле местото, стои во соопштението од МВР.

Благодарение на брзата и совесна интервенција на полициски службеник кој не бил на должност, се подвлекува, еден од напаѓачите веднаш е совладан и лишен од слобода, додека по вториот се трага.

– Бидејќи Петре Шилегов по урнек на неговиот лидер презентира елементарно непознавање и непочитување на законската регулатива, Министерството мора да појасни дека не е во наша ингеренција да кажуваме кој е сторител. Тоа го прави судот по оценување на сите докази во судската постапка. Министерството има ингеренции да поднесе кривична пријава против осомничено лице. Се додека постапката е во оваа фаза, Министерството има обврска да внимава на пресумпцијата на невиност на осомничениот, за разлика од газењето по Уставот што го прави Шилегов, се вели во соопштението од МВР.

МВР јавно го повикува Шилегов, доколку има каква било информација или доказ за инволвираност и на некое од лицата кои ги наведува, да ги достави до најблиската полициска станица. Во спротивно, се вели во соопштението од МВР, ќе сметаме дека повторно станува збор за уште една срамна манипулација.

МВР апелира СДСМ да престане со подгревање на атмосферата и да се огради од сите повици за инциденти и пресметки, осудувајќи ги најавите и размислувањата од типот „ќе се пука“ или „крв ќе се лее“, стои во соопштението.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top