| четврток, 6 декември 2018 |

Црно-бела магија, од вишокот Јувентус прави вредност

Јувентус одигра одличен меч против актуелниот европски првак Реал Мадрид и на реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите ќе патува со предност од 2-1. Една од главните алки во играта на „Старата дама“ од Торино повторно беше ветеранот и фудбалски уметник Андреа Пирло. Играч во четвртата деценија од животот, кој се уште игра на врвно ниво. Истрча најмногу заедно со соиграчот Видал, околу 12 километри, а умешно ја контролираше играта во маневарот.

Juventus vs Atalanta

Вишок во Милан, добредојден во Јувентус, клуб кој во последно време од вишокот прави вредност. Во 2011 година раководството на Милан одлучи дека Андреа им е непотребен, веројатно со калкулација дека има 31 година и дека го минал зенитот во кариерата. Во Торино беше прифатен како неочекуван подарок и тоа бесплатен од Милано, а возврати со блескави партии. Пирло има магични идеи и топ во нозете. Неговите проигрувања се вистинско волшебство, импресивна фудбалска креација, а слободните удари му се на ниво на уметност. Вистински погодок за Управата на Јувентус која веруваше во можностите на фудбалскиот магионичар. Слична е приказната и со Пол Погба, играч што беше неталентиран за Манчестер јунајтед и една од најголемите грешки на Сер Алекс Фергусон.

Juventus vs Hellas Verona

Еден од најдобрите менаџери во историјата на фудбалот не му даде шанса на црномурестиот дефанзивец во средниот ред на „црвените ѓаволи“, а Погба пристигна во Јувентус како слободен играч. За кус период се претвори во еден од најдобрите и најперспективни играли за врска на планетата. Фудбалер што е вистински разбивач, атлета кој гази се пред себе и кој стана еден од најскапите играчи. Велат дека вреди околу 100 милини евра, а и тој е само доказ за неверојатно добриот инстинкт и знаење на менаџментот на Јувентус. Добриот вкус и избор на играчи го потврди и Алваро Мората и тоа со гол против клубот што го стави настрана. Против својот Реал Мадрид и тоа во полуфинале на Лигата на шампионите. Мората очекувано не се радуваше на голот на Јувентус, но постојано истакнува дека направил вистински потег и се радува што кариерата во вистински комент ја продолжил во Јувентус.

Тука е и менаџерот на Јуве, Масимилијано Алегри, кој доби отказ во Милан, а потоа го препороди Јувентус, односно ја продолжи успешната мисија што ја почна Антонио Конте. Мисија со која „Старата дама“ прави чуда, го претвора вишкот во вредност и си создаде вреден фудбалски капитал за добри резултати и трофеи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top