| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Ова е вистината за загинатото момче (видео)

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска  по денеска објавените материјали за случајот со убиството на Мартин Нешкоски од страна на СДСМ оцени дека лидерот на опозициската партија Зоран Заев на најгруб и најмонструозен начин ја злоупотребил трагичната смрт на еден млад човек.

Од прес-конференцијата на Заев според Јанкуловска, се потврдиле неколку работи. Прво дека во првичните моменти со оглед на тоа дека не постоела никаква пријава МВР немало никакви информации оти се случило убиство. Второ, веднаш откако ја добивме информацијата дури и по неформален пат мобилизирани се сите сили, вложени се максимални напори и преземени се сите активности за да се открие извршителот на убиството. Трето, истрагата што ја водевме го откри вистинскиот сторител на убиството. Четврто во ниту еден момент ниту МВР, ниту кој било политичар или функционер не само што не го сокривал убиството, туку со сите сили сите ние се трудевме да дојде до брза разрешница и сторителот да биде изведн пред лицето на правдата, рече Јанкулоска.

Во однос на прашањата во јавноста во кое својство на местото на настанот  бил веќе осудениот и дали имал писмена или усмена наредба потсети дека Судот во постапката како околност го анализираше и  тој аспект. Судот, како што рече, одлучи дека во еден ваков случај фактот дали имал или немал наредба неможе да ја намали неговата вина, или пак на кој било начин да го оправда убиството. Тоа се фактите и тоа е вистината и тие не можат да се прикријат со драматичен вовед кој вообичаено го дава Зоран Заев, ниту со креирани материјали, ниту пак со неговите тотално апсурдни обвинувања, нагласи министерката Јанкулоска.

Според неа, претседателот на СДСМ денеска го достигнал врвот на монструозноста, поигрувајќи се со емоции на најгруб начин и злоупотребувајќи ја трагичната смрт на млад човек за која, како што рече, не постои човек кој не чувствува жалење и не е погоден.

Заев, оцени, покажал дека за да оствари политички профит  буквално е подготвен на се, монструозни конструкции, мрачни сценарија,  најгруби манипулации.

– Повеќе од три месеци Зоран Заев најбрутално се изживува врз една група на луѓе вклучувајќи ме и мене. Не престанува да не претставува на начин како што може да замисли само еден болен ум. На такво нешто нема човек којшто може да остане рамнодушен, рече Јанкулоска, потенцирајќи дека досега повеќето се воздржувале од коментари но оти денеска одлучила да реагира затоа што со политичката агенда Заев  на најгруб и најмонструозен начин ја злоупотребил трагичната смрт на млад човек.

Очигледно е, рече министерката Јанкулоска, дека Зоран Заев, а и СДСМ соочени со силата на доказите и немањето поддршка од граѓаните продолжуваат преку објавување незаконски стекнати креирани, сечени монтирани материјали, кои немаат ама баш никаква врска со реалноста да го свртат вниманието на јавноста само заради емоциите кои ги побудува овој случај.

– Но, колку и да се обидува јавноста и граѓаните веќе одамна го прочитаа Зоран Заев, го прочитаа и СДСМ. Заев неможе да ја монополизира ниту да ја присвои  и наштелува вистината  на начин како што нему му одговара.  Тоа неможе да го направи дури ниту со употреба на овие креирани, сечени монтирани материјали со кои се обидува на најмонструозен начин преку злоупотреба на туѓа смрт, преку злоупотреба на лични, здравствени, семејни состојби, да претстави некоја лажна реалност, рече Јанкулоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top