| четврток, 6 декември 2018 |

Тони Зен и Нино Васков: „Флека“ е повеќе од музика и повеќе од текст

Нашата цел е да можеме да понудиме нешто што сметаме дека во моментов му е потребно на овој период, на ова поднебје, да пропагираме интелигентна, добра музика, која лесно се слуша и има некаков вкус во себе

Единаесет врвни музичари и индивидуалци водени од иста идеја за квалитетен звук и ритам се споија во една „Флека“ – новиот македонски колектив, чиишто носители се раперот Тони Петковски – Тони Зен и продуцентот Нино Васков. За почеток, песните од последниот албум на Тони Зен се претставени во нов свеж аранжман и спој на фанк, џез, соул, блуз и хипхоп, а веќе се работи и на нови, авторски дела.

Ова е прв проект на Тони Зен по објавувањето на „Микроскопски организам“, пауза која, како што вели, му е потребна на секој уметник.

– Едноставно, чувствував таква потреба да не бидам присутен, посебно медиумски, затоа што секој изведувач има потреба да ја направи таа пауза, тој одмор. Ништо не е случајно, сѐ си е на место, дојде правиот момент да се презентира „Флека“, нова идеја, нов концепт, поодамна подготвуван – вели Петковски.

Петковски вели дека не сакаат да бидат група што преработува и препејува туѓи песни.

– Не сакаме да тераме така со публиката и да си правиме кариера така. Сакаме да правиме авторска музика и да ја презентираме. Во прашање е повеќе од музика и повеќе од текст, во прашање е идеја што треба да се сподели со публиката. Со авторска музика држиме будност спрема себе и спрема другите. Тоа е целиот концепт на „Флека“ – движење – смета тој.

Според Васков, пак, „Флека“ не може да се дефинира.

– Може да се каже дека се соб­равме луѓе што имаат заеднички слух, вкус и сме се насочиле кон некаква заедничка цел. Кога почнувам сам да креирам и целам кон нешто, тоа оди потешко, но кога ќе се најдат повеќе луѓе, целата таа енергија се манифестира на многу поинаков начин – вели Васков.

– „Флека“ е дамка. Затоа што се „флекаме“ и кога јадеме кики­ритки и бадеми. Во групата сите сме пријатели и сите се „фле­каме“ – се шегува Петковски.

fleka-toni-zen-2

„Флека“ ja со­чи­ну­ва­ат:

Тони Зен – вокал,
Сиги – во­кал,
Васков – вокал и гитара,
Борче Кузмановски – клавијатури,
Благоја Антовски – та­па­ни,
Гоги Полизов – бас,
Анета и Гена Качуркова – придружни вокали,
Александар Николовски –труба,
Борислав Веселинов – саксофон,
Филип Стевановски – тромбон,

а продукцијата што стои зад овој проект е
„Стерео рекордс“.

Групата ја сочинуваат долгогодишни пријатели од истата фела и од истиот круг луѓе кои, како што вели Васков, едноставно сега решиле да соработуваат бидејќи се нашле во муабетот, во фазонот на музика што го креираат.

– Нашата цел е да можеме да понудиме нешто што сметаме дека во моментов му е потребно на овој период, на ова поднебје. Значи не се ограничуваме да бидеме само тука, туку сакаме да пропагираме добра музика, тоа ни е основната цел, да пропагираме интелигентна, добра музика, која лесно се слуша и има некаков вкус во себе – вели Васков.

Вели дека не сака да коментира, ни дека потценува некаков жанр или кој било друг, меѓутоа ова е нивниот избор.

– На тие што им се допаѓа супер, а верувам дека на повеќето луѓе што немале можност да слушаат многу македонска музика сега им даваме поширок избор, во спектарот на различен жанр, различни вибрации, различна енергија – вели Ваксов.

– Оставаме луѓето да си направат избор, не се наметнуваме, туку оставаме на убав, благ, културен начин да претставиме нешто ново, свежо. Едноставно, постоиме – вели Тони.

fleka-toni-zen-3

Според Петковски, веќе не постои комерцијала или андерграунд. Тоа се термини што некој ги дал и сега се водиме по нив, но тоа, всушност, и не постои.

– Секоја музика што се слуша и може секаде да допре тоа е комерцијална музика. Претходно пристапот бил поинаков во однос на жанрот, лентите биле поклупски, сега звучат поживо, тие, пак, ќе бидат комерцијални бидејќи ќе ги слушаат луѓето и ќе бидат подостапни – смета тој.

Според него, тоа е чиста илузија по која никогаш не се водел, можеби само порано, во времето кога песните не допирале никаде бидејќи немало медиуми и технологијата била назад.

– Сега кога е напред секој има можност да си направи свој медиум. Не постои веќе андерграунд, сега сѐ е комерцијално, секој се бори да си најде пат на свој начин. Не постои повеќе како порано андерграунд и комерцијала. Ние правиме, создаваме, нудиме. Кој сака може да го прифати да се движи со нас, кој не сака има други правци, групи, музика.

Тоа што во моментов најмногу го посакуваат, пак, е да настапуваат.

– Сакаме да свириме. Сме направиле група и сега срцето ни е полно, сакаме да свириме пред публика – вели Васков.

– Да се „исфлекаме“ сите во гра­дов, државата и пошироко, една убава „флека“ да си оставиме – завршува Петковски.

 

Целото интервју можете да го погледнете на РепубликаТВ.

(Разговараше: Марина Костовска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top