Флојд Мејведер остана непоразен и во 48. боксерска битка на рингот откако на поени го победи Мани Пакјао и сега е на две победи до рекордот на Роки Марчано. Легендарниот Марчано забележи 49 триумфи во низа, но рекордот му е загрозен од Мејведер ако најдобриот боксер на денешницата одлучи да продолжи со боксувањето.
Флојд уште пред мечот на столетието, како што го нарекуваа неговиот дуел со Пакјао во Лас Вегас, објави дека ќе боксува само уште еднаш и потоа ќе ја заврши кариерата. Дали ќе одлучи да ја смени одлуката и да се појави барем уште двапати во рингот за да го урне рекордот на Марчано, сѐ уште не се знае. Веднаш по мечот со Пакјао, од аголот на филипинскиот боксер побараа реванш, но засега шансите Мејведер да прифати нов мегадуел се мали.
Добрите познавачи на боксот, сепак, велат дека такво сценарио не е исклучено бидејќи нов боксерски меч меѓу Мејведер и Пакјао повторно би донел добра заработка за двајцата боскери и обрт од стотици милиони долари.
Според процените, вкупната заработка од мечот во Лас Вегас за Мејведер изнесува околу 200 милиони долари, а Пакјао инкасирал двојно помалку, што е рекордна заработувачка од еден боксерски меч.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



